Една година по иницијативата за формирање на анкетна комисија за случајот Алмир Алиу, денеска, кога се очекува пресудата, од Анкетната комисија ни трага, ни глас.
Иницијативата за формирање на анкетната комисија беше најавена на состанокот што семејството Алиу го имаше со парламентарната група на ДУИ на 22 март 2018 година.
За неправилностите, неприфаќањето на сведоците и едностраната одлука како што проценува семејството Алиу, продолжува да молчи и Здружението на судии.
Здружението на судии од Северна Македонија не коментира за правните прекршоци во постапката за повторното судење за случајот на Алмир. Веќе три години и по десетици жалби од оштетената страна, нема ниту една реакција или препорака за судскиот процес.
Иако Апелациониот суд ја отфрли првостепената одлука поради техничката и невропсихијатриската експертиза подготвена од експерт без дозвола, судијката Маја Денкоска и нејзиниот помошник Љубомир Ѓорѓевиќ одлучија да ја користат истата експертиза како доказ со образложение дека експертите, иако немале лиценци, биле наведени на списокот на експерти од Министерството за правда.
Денеска во Основниот суд во Куманово се очекува епилогот од судскиот процес за случајот на четири годишниот Алмир, а од оштетената страна велат дека не очекуваат ништо повеќе од првата одлука, бидејќи според нив, процесот досега се развиваше во спротивност од Кривичниот законик.
Обвинението против првообвинетиот Бобан Илиќ беше преквалификувано од „убиство“ во „тешко дело против безбедноста на луѓето и имот во сообраќајот“.
За убиството на Алмир Алиу во првостепената пресуда, Бобан Илиќ, кој го прегази четиригодишното дете со автомобил, беше осуден на шест години затвор, додека Седат Алиу, Абдула Алиу и Сами Демири беа осудени на шест до девет месеци затвор. Убиството на Алмир Алиу се случи на 25 јуни 2016 година во Куманово како резултат на претходна тепачка помеѓу родителот на Алмир, Седат Алиу и Бобан Илиќ заедно со неговиот брат Бојан Илиќ, кој не бил вклучен во обвинението на Основното обвинителство од Куманово.
По одлуката на судот и преименувањето на делото, јавноста застана на нозе и организираше масовни протести со кои од сегашната Влада побара фер и правично судење.
М. И.