Со распишување на претседателските и предвремените локални избори 2019, ЦИВИЛ започна со серија едукативни текстови за различни аспекти од изборниот процес.
Како организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг, ЦИВИЛ секогаш вложува напори да даде придонес кон јакнење на јавната свест за правото на глас, но и за начинот како да ги препознаат и како да информираат за изборните нерегуларности, особено во доменот на кршење на правото на глас, тајноста на гласање и недоследностите со Избирачкиот список.
Публикацијата „Сè што сакавте да знаете за изборите“ е избор на текстови што ЦИВИЛ Медиа ги објави до почетокот на изборната кампања, а онлајн верзијата ја објави за време на конференцијата „Какви избори – таква иднина“ што се одржа на 10 април.
Со почетокот на изборниот молк и во очекување на 5 мај, вториот круг на гласање за претседател на државата, едукативните текстови се одлична можност за сите соработнички и соработници, членови, поддржувачи, граѓански новинарки и новинари, но и на набљудувачите на ЦИВИЛ, да се потсетат и дополнително да се информираат за тоа што е изборен материјал, што сè треба да се знае за Избирачкиот список, кои се надлежностите на изборната администрација, што сè не смее да се применува за време на изборниот молк и други корисни информации за остварување на гласачкото право.
Воедно, ова е прилика уште еднаш да потсетиме дека ЦИВИЛ им стои на располагање на граѓанките и граѓаните за сите дополнителни информации и прашања, како и за пријавување на нерегуларности на веб страницата www.slobodniizbori.info, на [email protected], во инбокс на Фејсбук профилот на ЦИВИЛ или да се јават на 02 / 520 91 76.
Публикацијата „Сè што сакавте да знаете за изборите“ е достапна на македонски и албански јазик.
Б. Јордановска