ЗОРАН ИВАНОВ
Што толку се возбудија, ај за политичарите политиканти кои малку, малку па пак ќе чепнат по рејтингот преку етно грбот на граѓаните, практично преку пумпање национализам, те крај на светот, те се урна рамковниот, те се наруши принципот, те ова, те она, само мрмкање до мрмкање и ај, за политичките гребатори, за рејтинг нивен и неважно, ама ова интелектуалциве, колумнистиве, нели обликувачите на јавното мислење на кои за балансерот и за одлуката на уставниот им зовреа хормоните и целата ситуација ја вртат на етно ксенофобија и тоа дури и многу појако и по посветено од политичарите политиканти и, при тоа, кажано во една реченица, таа нивна хормонална демек цивилизациска возбуденост наспроти шовинистичката поставеност на, нели, партискиот уставен, нити сега ниту претходно, не зуцнаа за злоупотребите на партиските, на партиско штабските злоупотреби со балансерот, на непринципиелното туткање цели контигенти некадарни на и во разно разни државни места од кадровски местенки до т.н. обични административни вдомувања, тие за тоа молк, молк за тој таков балансер кој целиот амбиент за правичност и воедно и за некадарност го доведе до апсурд па, реално е да се очекува, тргнувајќи од фактот што во македонското општество, значи не во македонската политичка или, поточно, не во македонската партиска држава туку во и меѓу македонското етно плурално граѓанство, правичноста во чија основа е етничката припадност, од поодамна е веќе апсолвирана, тогаш ајде, макар само како некаков експеримент, да се обидеме да констатираме дека она што за балансерот го доживува општеството, дека тој девалвиран институт е дискредитиран до степен на целосна партиска себичност и дека на општеството му треба друга формула за нешто за што веќе од поодамна има согласност па, нека е ова најсубјективно, излегува дека со оваа цела бука што конечно се укина балансерот ваков каков кој што од добра намера се претвори во своја спротивност, само се стресе гората, се родија непродуктивни политикантски ама, жално, и интелектуално хормоналнии изливи и, и толку.