Информации и препораки за потребни активности на субјектите на Системот за управување со кризи и за преземените мерки и активности за справување со кризната состојба од КОВИД-19 на целата државна територија. Преземање на потребните чекори за организирање и обезбедување на пунктовите за вакцинација од страна на МВР и Армијата во координација со Министерството за здравство.
Ова се заклучоците од денешната седница на Главниот штаб за управување со кризи при Центарот за управување со кризи (ЦУК), што се одржа во Владата. Седницата ја организираше ЦУК и ја раководеше раководителот на Штабот, в.д. директорот на Центарот, Стојанче Ангелов.
Ангелов, како што соопшти ЦУК, ја нагласи солидната и добра меѓусебна соработка на МВР и Армијата на терен. Додаде дека нивната координација со Министерството за здравство продолжува во планираните и идни активности, во корелација и со другите субјекти во Системот за управување со кризи. Ја нагласи и важноста за почитување и на актуелниот апел на Министерството за здравство и Владата за понатамошно максимално следење на препораките, упатствата, мерките и забраните во државата со цел за заштита и спречување на ширење на вирусот.
На седницата присуствуваа и претставници на невладиниот сектор, НВО „Млади правници“, професори од областа одбрана, безбедност и кризнен менаџмент.
Центарот за управување со кризи е во постојано заседавање, а во неговата работа покрај постојаното работење и координириње со Црвениот крст се вклучени соодветно и други претставници на граѓански организации, како надворешни соработници од невладиниот сектор.