Во Собранието на Република Македонија денеска седници треба да одржат комисиите за образование, наука и спорт и за финансирање и буџет.
На дневен ред на Комисијата за образование, наука и спорт се измените на Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и на Законот за основање на Технолошко – технички факултет, Ветеринарен факултет и Правен факултет во состав на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, двата во прво читање поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство.
На Комисијата за финансирање и буџет на дневен ред се измени и дополнувања на Законот за акцизите, измени на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, измени и дополнувања на Законот за царинска управа, сите во второ читање и Предлог на закон за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во прво читање поднесен од пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата. (МИА)