„Средствата од буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2021 година, тежок 50 милијарди денари, главно се насочени кон продолжување на социјалната реформа, грижата за најмладите, намалување на невработеноста и намалување на сиромаштијата“, инфомрираше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Сите социјални права и во услови на пандемија продолжуваат непречено да течат и не само тоа, туку го олеснивме пристапот на граѓаните до гарантираната минимална помош, до детски и образовен додаток. 12 милијарди денари одат за социјалната реформа, 2 милијарди одат за Оперативниот план за мерки за вработување, процесот на изградба на градинки продолжува, само до крајот на годинава обезбедуваме простор за нови 500 деца“, истакна Шахпаска на гостувањето во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат каде зборуваше за сите актуелни прашања кои ги засегаат граѓаните, а се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Од четвртиот пакет мерки тежок 470 милиони евра, потсети, 27 милиони евра одат за финансиска поддршка од 6.000 денари за ранливите категории граѓани од нив 182 000 пензионери со пензија под 15.000 денари, 84.000 пасивни баратели на работа, 8100 приматели на државна социјална пензија и 5700 самохрани родители.
На прашањето за новото законско решение за недела – неработен ден, министерката Шахпаска посочи дека, како Министерство за труд и социјална политика задолжено за изготвување на новото законско решение е во координација со сите министерства и сите субјекти во општеството околу носењето на решение кое што ќе биде издржано и во интерес на целото општество.
„Измените на Законот за работни односи кој е во ингеренции на МТСП, конкретно во членот 134, го регулира неделниот одмор кој треба да трае 24 часа непрекинато и по правило тоа е недела или, пак, некој друг ден од седмицата, како дел од важечкото законско решение, а во моментов ние работиме на овој дел“, рече Шахпаска.
Таа истакна дека е формирана работна група во која се вклучени пред се министерствата за економија, транспорт и врски, информатичко општество и за култура, но,какошто рече, секојдневна комуникација и дискусија се води и со претставници на синдикатите, на работодавачите, коморите.
„Нашата идеја е недела-неработен ден, а исклучоци треба да има. Тоа се здравството, безбедносните сили, полицијата, против пожарната служба, тешката индустрија и сите дејности кои се од витално значење за општеството“, истакна Шахпаска.
За измената во Законот за работни односи, што ги регулира договорите за работа, министерката појасни дека договорот за работа завршува со навршени 64 години старост и 15 години стаж доколку со друг закон не е поинаку решено, со исклучоци во оние дејности каде што има недостаток на кадар и каде одењето во пензија би го загрозило функционирањето, како во здравството и високото образование. Притоа, посочи, проценката ја прави менаџерот, директорот, раководителот, согласно потребите додека не се најде кадар кој што би го заменил дотогашниот.
„Суштината на оваа реформа е да отвориме простор, младите да ги вклучиме во работен однос“, рече Шахпаска.
За темата сиромаштија и предизвиците кои таа ги носи, министерката појасни дека темелот на социјалната реформа не е да се генерира сиромаштија, туку да вади од сиромаштија преку воведувањето на Гарантирана минимална помош, воведување на новиот концепт кејс-менаџмент на семејствата од социјален ризик.
„На овој начин, во соработка со Агенцијата за вработување и мерките како обука, преквалификација и доквалификација придонесуваме во нивно активно вклучување на пазарот на трудот“, рече Шахпаска и ги повика сите граѓани кои имаат потреба од помош и поддршка, да аплицираат со цел да влезат во системот за гарантирана минимална помош чиј пристап, како што нагласи, сега е олеснет.