Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ на денешната прес-конференција изјави дека Србија, согласно нормите на меѓународното право, нема да може да ги прифати резултатите од руските референдуми во Украина, објави Н1.
Од една страна, постои нашата посветеност на принципите и правилата на меѓународното јавно право, Повелбата на Обединетите нации, а од друга страна, тоа би било целосно спротивно на нашите државни и национални интереси, целосно спротивно на нашата политика, на зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет и посветеност на принципот на неповредливост на границите, истакна Селаковиќ.
Оваа недела во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН, Русија и Србија го потпишаа Планот за консултации на министерствата за надворешни работи на двете земји за следните две години.
Поради тоа опозицијата во Србија жестоко ја нападна владата на Александар Вучиќ. Партијата за слобода и правда (СПП) порача дека е неверојатно што во време кога целиот свет со страв ги следи потезите на Москва кои го загрозуваат светскиот мир и ги гледа секојдневните страдања на украинскиот народ, Селаковиќ да склучи договор со држава која директно ја прекршува Повелбата на ОН и има намера да ја присвои кон себе територија на друга меѓународно призната земја.