Шестото издание на „Станица: Студентска 6.0″ во организација на Младински образовен форум ќе се одржи утре, 29 мај, со почеток во 12 часот на Филозофскиот факултет Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Настанот ќе трае до 18 часот, а на него студентите ќе може да посетат предавања, саем на студентски организации, промоција на истражувања и работилници. Преку овој настан организаторите ќе се обидат да го поттикнат студентското организирање, истражувачката работа и квалитетно високо образование.
„Станица: Студентска“ ќе биде отворена за сите заинтересирани млади луѓе, студенти и останати посетители кои сакаат да посетат современи предавања кои ретко имаат можност да ги следат факултетите, да се информираат за организациите кои се отворени за нив, да учествуваат во работилници, да се запознаат со нови истражувања и да разменат искуства и контакти.
Претставници на студентски и младински организации, истражувачи и успешни експерти ќе одржат предавања на теми „Што е ЕУ?”, „Како од идеја до бизнис”, „Финансиска писменост”, „Учење преку истражување”, „Платени стручни пракси во странство”, „Зелени работни места”, „Змии отровници” и многу други. На настанот ќе бидат промовирани и пет нови истражувачки трудови од областите на образованието и младите.
Настанот е организиран од МОФ во соработка со Фондација Отворено општество.
МЛ