Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рано утринава контактирал со неговиот колега, градоначалникот на Тирана со цел да понуди помош за настраданите во земјотресите кои ја зафатија Албанија. „Градот испрати две екипи од четворица пожарникари, а втората екипа е од двајца луѓе кои ќе снимаат на лице место со термален дрон и камери. Со тие снимања може да се откријат евентуално преживеани во рушенините, како и беспилотно летало кое ќе врши мапирање на теренот со цел штетите кои се настанати на објектите да бидат како мапа достапни за спасувачките служби за лице место“, рече Шилегов.
Шилегов додаде дека утре градот ќе ја одржи редовната седница, на која ќе биде вметната вонредна точка за доделување на парична или материјална помош во зависност од тоа што ќе биде побарано.
Со оглед на тоа дека земјотресите силно се почувствуваа и тука, скопскиот градоначалник уверува дека екипите кои работат во рамки на системот на град Скопје се сериозно спремни, но се надева дека нема потреба да бидат активирани.
П. Клинчарски