„Со европски средства ќе обезбедиме чиста вода за пиење за секое домаќинство, како и собирање и прочистување на отпадните води за сите општини“ рече министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на трибината „Ние сме Европа“ во Охрид.
Таа додаде дека со средства на ЕУ се изградени неколку пречистителни станици, некоклу се во фаза на имплементација, а неколку се планирани за следниот период.
„Со финансиска помош од ЕУ и европските банки ќе воспоставиме модерен регионален систем за управување со отпад по европски стандарди. Ќе ги намалиме количините на отпад кои финално ќе ги депонираме“ рече Шукова.
Министерката додаде дека интензивно се работи на пренесување на пораките за намалување на количините на отпад.
„Со помош на ЕУ ќе ги зголемиме површините на заштитени подрачја и ќе воспоставиме сериозна заштита на природните вредности, одржливо управување и економски просперитет. ЕУ ќе ни отвори нови хоризонти, ќе ни ја олесни меѓународната соработка и поддршката во заштита на животната средина, климата и зелената агенда“ рече Шукова.