ЦИВИЛ го праша диекторот на Државниот завод за статистика, г. Апостол Симовски за соработката на заводот со институциите, политичките партии, граѓанските организации за спроведување на пописот и дали има простор за подобрување во соработката.
Симовски вели дека секогаш има простор за подобрување, но им заблагодари на сите што ја дадоа поддршката за пописот. На политичките субјекти што го поддржаа пописот, им се заблагодари, и воедно им порача дека повеќе од поддршката, не е потребно ништо друго. Тој се заблагодари и на невладиниот сектор и на медиумите, а за одредени политички субјекти кои се упорни да ја уништат оваа операција, вели дека тие тоа не го прават за граѓаните, како што велат, туку заради свои, лични у политички причини.
„Простор за подобрување на соработката секогаш има, и секогаш ќе има, и се надевам дека тој простор никогаш нема да биде ограничен. Драго ми е што најголемите политички субјекти дадоа поддршка за пописот, и јас сум многу благодарен за тоа, меѓутоа, толку. не ни треба повеќе од тоа, бидејќи ова е сепак една стручна операција, професионална, којашто ние како институција треба да ја спроведеме на најпрофесионален можен начин. И до тука, сум апсолутно среќен што ја имаме таа поддршка. Одредени помали политички субјекти, коишто на крајот се дури и безначајни во смисла на своето влијание, сепак настојуваат, од некои си свои лични и политички причини, да ја уништат оваа операција. И не би сакал повеќе да коментирам, бидејќи кажав што мислам во тој дел.“, посочува Симовски.
„Комуникацијата со невладиниот сектор ја започнавме уште многу пред да стартуваме со официјалните подготовки за пописот. Креирањето на содржината на пописот, техниката, објаснувањето на потребата и така натаму, бевме нон стоп во комуникација со сите. И не само невладиниот сектор, туку и оние коишто се најзаинтересирани, односно како корисници на податоци. И да ја формираме содржината, но и да ја добиеме поддршката, бидејќи ни е неопходна. Се надевам дека не изоставивме никого во овој дел, секогаш можело и повеќе и подобро, меѓутоа бевме секогаш отворени за да чуеме секаква, и критика, но и понуда на одредени решенија, потреби коишто евентуално не сме ги согледале, и слично.“, им заблагодари Симовски на сите што ја дадоа поддршката за пописот.
Дијана Тахири
камера и монтажа: Ариан Мехмети