Повеќе од два и пол месеци по падот на Башар ал Асад од власт, привремениот сириски претседател Ахмед ал Шара денеска ја истакна важноста на единството во земјата, како и државниот монопол врз оружјето.
„Единството на државата и монополот врз оружјето во рацете на државата не се луксуз, туку должност и обврска. Сирија не прифаќа поделба, таа е една целина и нејзината сила се заснова на нејзиното единство“, рече тој на отворањето на Конференцијата за национален дијалог во Дамаск.
Форумот е организиран од седумчлена комисија, која беше специјално формирана во средината на февруари, а вклучува и две жени.
На конференцијата, која има за цел широка застапеност, учествуваат претставници на сириското граѓанско општество, верски заедници, опозициски личности и уметници.
Автономната курдска администрација, која контролира голем дел од североисточна Сирија и има вооружено крило – Сириските демократски сили – не беше поканета да учествува на конференцијата. Според организаторите, ниту една вооружена група не добила покана.
Портпаролот на подготвителниот комитет Хасан ал-Дагим рече дека над 600 поканети пристигнале вчера во Дамаск, но многу од поканетите од странство, како и учесниците од оддалечените провинции Хасака и Рака, не можеле да присуствуваат поради барањата за патување во Сирија.
Конференцијата за национален дијалог ќе се фокусира на „транзициската правда, уставот, институционалните и економските реформи, единството на сириската територија, како и јавните, индивидуалните и политичките слободи“, додаваат организаторите.
Се очекува да се подготват препораки кои ќе „послужат како основа“ за план за институционални реформи.
Извор: МИА