Скопскиот маратон секоја година привлекува се повеќе внимание не само на посетителите и учесниците, туку и на медиумите и јавноста. Телевизија Сител во меѓу најважните вести на 3 октомври извести и за маратонот, при што констатираше дека скопските кандидати за градоначалник не ги облекоа патиките. Но, оваа констатација изречена во најгледаните телевизиски вести во земјава – не е вистина.
Како што се гледа од објави на социјалните мрежи, најмалку два кандидати истрчаа на маратонот, и тоа двајца музичари. Освен Петар Георгиевски кој е пасиониран учесник на маратони, на годинешниот Скопски маратон истрча и Арбен-Бени Шаќири.
И покрај тоа што беа изнесени невистини, ТВ Сител ниту ја коригираше оваа дезинформација, ниту пак се извини на кандидатите кои трчаа на маратонот.
Можеби вакви дезинформации делуваат безопасно, но тие сепак влијаат на перцепциите на публиката. Затоа, медиумите треба добро да ги проверуваат информациите пред да ги објавуваат, а граѓаните да бидат многу внимателни со медиумските содржини, особено во период кога во општеството се случуваат важни настани или процеси, како изборите.
Петрит Сарачини