Обвинителката Елизабета Јосифовска од специјалното јавно обвинителство по ослободителната пресуда за Драган Павливќ Латас и неговите браќа за бесправна градба на викендички во Зелениково, изјави дека Обвинителството ќе ја обжали пресудата за случајот „Тревник“.
„Во секој случај ќе поднесеме жалба. Тука нема дилема, бидејќи јас стојам на ставот дека обвинението беше издржано, поткрепени со доволно докази и во секој случај жалба ќе следи. Ќе се произнесеме, се надевам дека писмено изработената пресуда ќе даде и дополнителни причини од кои се раководел судот“, истакна Јосифовска.
„Мислам дека и судот констатира дека во одреден период се градело без одобрение. Тоа што не реагирале соодветните институции не е основ за исклучување на кривичната одговорност на обвинетите кои беа во овој процес“, рече обвинителката пред новинарите.
Ова е прва ослободителна пресуда за предмет на специјалното јавно обвинителство. За Драган Павловиќ Латас СЈО покрена уште едно обвинение за случајот „Тотал“, кое сè уште е во фаза на судење.












