ДЕХРАН МУРАТОВ
Безбедноста во Скопје, а воедно и во државата, одамна е во слободен пад, но настаните од последните 24 часа фрлаат морничаво светло врз целосната нефункционалност на безбедносниот систем.
Во центарот на Скопје, на пешачка патека кај улицата „Ленинова“, мотоциклист удри 68-годишен пешак и го остави да умира. Жртвата, Ј.Н. од Скопје, им подлегна на тешките повреди. Моторциклистот побегнал од местото, а истовремено повреден бил и сопатникот на моторциклот. Ни трага, ни глас од сторителот. СВР Скопје вели „презема мерки“. Но веќе сме го слушнале тоа – премногу пати. (Неодамна, пред полициската станица во Бит-Пазар беше застрелан млад човек, полицијата се уште трага по убиецот).
Истиот ден, на булеварот „Србија“ во Скопје, од автомобил во движење едно лице и се закани на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска. За напад врз јавна личност, во центар на главниот град, институциите повторно нудат само „известување“ – без конкретни резултати, без лица во притвор.
И како кулминација – автобус на ЈСП вчера се запали при возење во близина на Арачиново. Среќа во целата несреќа е што немаше жртви, но прашањето е: до кога со распаднати автобуси ќе се возат граѓаните, децата, работниците, пензионерите? Или ќе треба да почекаме уште едно пет-шеесет соопштенија од Владата дека ЌЕ се набават нови автобуси. Но, Кога!?
Власта очигледно нема контрола ниту над пешачките зони, улиците, ниту над транспортот, ниту над јавната безбедност. Уште колку животи треба да се загубат пред некој да сноси одговорност?
Ова не се изолирани инциденти, ова е симптом на длабока институционална парализа. Живееме во држава каде што насилството, беззаконието и несреќите стануваат секојдневие.