Светски ден на слободата на медиумите
Главната прослава на Светскиот ден на слободата на медиумите оваа година се одржува во Адис Абеба, од 1 до 3 мај. Настанот обезбедува платформа за размена на повеќе актуелни прашања, закани и достигнувања кои се однесуваат на слободата на печатот. Целокупната тема на настанот е улогата на медиумите во изборите и демократијата, а главната прослава ќе ја надополнат околу 100 национални настани низ целиот свет. Настанот е во организација на УНЕСКО, а се очекува и присуството на генералниот директор, Одри Азулај, како и на владини претставници. Учесници ќе бидат претставници на граѓанското општество, медиумски организации, професионални здруженија, академици и претставници на судството.
ЦИВИЛ -Центар за слобода и ЦИВИЛ Медиа како гласни застапници на слободата на изразувањето и медиумските слободи, на Светскиот ден на слободата на медиумите, уште еднаш го креваат гласот во заштита на слободата на информирање. ЦИВИЛ ги потсетува сите институции и општеството во целост, дека мораат да работат заедно, за таа слобода никогаш повеќе да не биде загрозена.
„Оваа година, Светскиот ден на слобода на медиумите, 3 мај, Северна Македонија бележи значителен пад на бројот на напади врз новинар(к)ите, но, за жал, нападите и попречувањето на работата на новинарите и медиумските работници сѐ уште се реалност… ИВИЛ бара итно спроведување на реформите во јавниот сервис (МРТ), измени и дополнувања во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Изборниот законик“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ и ЦИВИЛ Медиа.
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по повод Светскиот ден на слободата во медиумите соопштија дека денешниот ден е можност да се реафирмираат основните принципи на медиумската слобода, да се процени степенот на оваа слобода, да се одбранат медиумите од нападите по нивната независност и да им се оддаде почит на новинарите кои ги загубија своите животи извршувајќи ги своите професионални обврски.
Антикорупциска
ДКСК на денешната седница ги одби петте приговори кои беа поднесени од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, како како партија, учесник/организатор на изборна кампања. Првиот приговор на ВМРО-ДПМНЕ е против Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007, вториот против градоначалник на општина Гази Баба, Скопје, а третиот против градоначалник на општина Шуто Оризари. Четвртиот приговор поднесен до ДКСК е против градоначалник на општина Кисела Вода, а петтиот против градоначалник на Град Скопје.
Антикорупциска најави и дека ќе отвори два предмети за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, каде ќе се испитува како Мицкоски во време додека бил директор на државната ЕЛЕМ и советник за енергетика на поранешниот премиер Никола Груевски добил под концесија државно земјиште од 33.000 метри квадратни и концесија за користење води како сопственик на фирмата „Енерготек ДОО Скопје“.
Мицкоски е еден од сопствениците на компанијата „Енерготек ДОО Скопје“, основана во мај 2014 година, за едно со Димитар Димовски, тогаш висок функционер во Министерството за транспорт. Оваа компанија заедно со компанијата „Минка ДА“, основа конзорциум „МИНКА – ЕНЕРГОТЕК ДОО“ Скопје кој од Владата добива концесии за користење вода за изградба на хидроцентрали на реката Брегалница и на Клепалска река. Нивната фирма „Енерготек ДОО Скопје“ од Владата добива 33.000 метри квадратни државно земјиште за изградба на хидроцентрала. Во мометот на доделување на концесијата за хидроцентрали и на земјиштето, Мицкоски бил советник на тогашниот премиер Никола Груевски и директор ЕЛЕМ. За Антикорупциска е спорно и како Мицкоски во септември 2016 година, избран од надзорниот одбор на АД ЕЛЕМ продолжил да биде надворешен советник за енергтика на тогашниот премиер, кога владата ги предлага членовите на Надзорниот одбор на компанијата која го предложила за директор.
Избори 2019
Државната изборна комисија на денешната седница соопшти дека во сабота ќе гласаат 1.640 затвореници, 4.540 лица пријавени како болни и немоќни и 7 раселени лица. ДИК ги усвои и сите барања за набљудување на изборите, па така за вториот круг ќе има 4,250 акредитирани домашни и странски набљудувачи. Исто така, на седницата се одлучуваше и за неколку приговори од граѓани и сите ги усвои задолжувајќи ги Општинските изборни комисии да им овозможат да гласаат како болни и изнемоштени лица.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски информираше дека се потрошени и 48 милиони, од одобрените 100 милиони за испаќање на медиумите. Како што изјави Деркоски, сите информации јавно ќе бидат објавени на веб страницата на ДИК.
Во канцеларијата на Народниoт правобранител во недела, пак, на 5 мај, во периодот од 7:00 до 19:00 часот ќе функционира беслатната телефонска линија: 0800-54321, на којашто граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Отворени за граѓаните ќе бидат сите седум канцеларии на Народниот правобранител во: Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права. Покрај лично во канцелариите, како и на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово 044 344-082, Струмица 034 329- 996, Кичево 045 228-586, Битола 047 242-310, Штип 032 389-701 и Куманово 031 431-488.
Пендаровски #НаМегдан
Дел од Шарената револуција излезе со иницијативата #НаМегдан со намера да ги соочи двајцата претседателски кандидати со директни прашања од граѓанките и граѓаните. Пендаровски веднаш ја прифати поканата и одговори на дваесет прашања на средбата што се одржа на 2 мај, во кафулето Мистер Џек.
Кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова не излезе #НаМегдан.
ЦИВИЛни активности
ЦИВИЛ уште еднаш потсети на едукативната публикација „Сè што сакавте да знаете за изборите“ , избор на едукативни текстови за различни аспекти од изборниот процес. Онлајн верзијата на публикацијата ЦИВИл ја објави на денот на одржување на конференцијата „Какви избори – таква иднина“ . Едукативните текстови се одлична можност за сите соработнички и соработници, членови, поддржувачи, граѓански новинарки и новинари, но и на набљудувачите на ЦИВИЛ, да се потсетат и дополнително да се информираат за тоа што е изборен материјал, што сè треба да се знае за Избирачкиот список, кои се надлежностите на изборната администрација, што сè не смее да се применува за време на изборниот молк и други корисни информации за остварување на гласачкото право.
Исто така, во рамки на проектот „Зедниците против насилниот екстремизам“ со поддршка на Абасадата на САД во Скопје, ЦИВИЛ вчера одржа креативна работилница „Заедно за иста цел“ со учениците од средните и основни училишта во Куманово. На вчерашната креативна работилница присуствуваа и професорите по ликовна уметност, како поддршка на своите талентирани ученици, но и претставници на Општина Куманово и СВР Куманово, Оддел за превенција. Работилницата ја водеше тимот на ЦИВИЛ преку едукација за човековите права и слободи, решавање на конфликти преку дијалог и ненасилство, заедничко креирање и делување на младите луѓе во општеството.
Биљана Јордановска












