Слободна зона на ЦИВИЛ денеска со Џабир Дерала и Војо Маневски:
„Очекувам црната пропаганда да го заземе своето заслужено место – во калливите ровови и темните подруми. Со други зборови, да прејде во дефанзива. Време е за точни информации и за борба на мислења, не за надмудрување и деструкција. Време е да ѝ се спротивставиме на искривената реалност што ја создава црната пропаганда, со избирање на поинаков, проактивен и афирмативен пристап“ пишува Џабир Дерала во денешниот Едиторијал под наслов „Црната пропаганда е таму каде што заслужува, во калливите ровови и темните подруми“.
„Од сите овие камени одредници, нашата држава се повеќе ни личи на археолошко наоѓалиште. Каде и да мрднеш некој историски камен се појавува и те упатува на некаков пат. Обичниот свет веќе ни патот не може да го изоди, а да не се препне од некој таков камен. Ај што мора да се движи низ прашината и калта на патот, мора да пресконува и крупни камени препреки. Додуша вековната мудрост често го води кон заобиколување на препреките, но тие некогаш мора и да се прескокнуваат. Скокањето и не е тешко, но доскокот на две нозе често е ризичен. Посебно кога скокнеш со опинци, а сакаш да досконеш во италијански чевли. А политичарите наши имаат веќе извежбана дисциплина на скокање од камен на камен и оп ни прашливи ни калливи стигнуваат на целта“, пишува Војо Маневски во „Писма, пораки и патокази“.