Иницијативниот одбор на Средношколскиот наставнички пленум излезе со соопштение како реакција на најавениот протест на СОНК и КСС.
За нив протестот е невиден сарказам и обид за манипулација со наставничката фела.
„Сите ние многу убаво знаеме и паметиме каква беше улогата на СОНК претходната деценија. СОНК, на чело со актуелното раководство, без да ги праша наставниците, без да го чуе нивниот глас, го аминуваше срамното екстерно проверување, наводно на знаења, реално како инструмент за пресметка со неистомислениците. СОНК потпиша Колективен договор и ниту еднаш не побара истиот да биде почитуван. СОНК ги премолча заменските наставници! СОНК го аминуваше укинувањето надомест за патни трошоци. Голем е бројот злодела против фелата од страна на СОНК. Затоа ние, наставниците, масовно почнавме да истапуваме од неговите редови. Затоа покренавме иницијатива за формирање синдикат“ се вели во соопштението на СНП.
СНП исто така, смета дека барањата на СОНК се легитимни, но не е легитимно ракводството на синдикатот. Токму поради тоа, СНП се оградува од протестот, а не од барањата на кои се повикува во последните десет години.
„Баравме, бараме и ќе бараме унапредување на положбата на наставниците. Но, не со СОНК! Не за личните интереси на рака луѓе во неговата врхушка! Затоа СОНК ја нема, ниту пак ќе ја добие нашата поддршка“ велат од Иницијативен одбор на СНП.
Б.Ј.