од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Сега, дури сега, дури допрва Фросина Ременски ќе летала од СДСМ. Професорката по безбедност, истрагата ќе потврди или ќе негира, но обвинителството натаму упатува, е меѓу оние што финансиски се обезбедувале и преку рекет. Партискиот претседател и премиер Зоран Заев експресно најави дека ќе ја отстрани од сите партиски и државни функции.
Ременски беше министерка, кратко време, ама министерка, па пратеничка, па потпретседателка на партијата, дури и актуелна потпретседателка на собранието од редот на партиската пратеничка група. Политички стартуваше како член на ВМРО-ДПМНЕ за, еве, политичката кариера да ја привршува како врвен функционер на соперничката СДСМ.
Сега срамот за сопствената партија, чиј кадар го инсталираше и на висока државна функција, во крајна истанца ќе го понесе самиот тој, Зоран Заев. А ако само малку навреме и само малку накусо ја согледаше нејзината политичка биографија, ќе ја немаше оваа, и по него, грда афера. Но Ременски не е единствениот сомнителен и избербатен некадарник кој се мува во близина на премиерот и партиски претседател. Пред половина година тој најави енергична кадровска метла. Ама тогаш само млако запафта со неа, па во неговата најблиска близина му остана уште доста пајажина. Таа и натаму му го замаглува кадровскиот поглед.
Аферата со својата функционерка Ременски, Зоран Заев ќе ја плаќа со сопствениот и со партискиот рејтинг. Ова искуство плус можеби ќе го мотивира да се поврати по метлата, зашто е многу евидентно дека има уште побаеги што да замете во своето блиско опкружување.
Премиерот ќе мора брзо да реши – со метлата или на неа.