Општина Струга распиша јавен повик за доделување на јавна набавка за одржување на дивата струшка депонија, во износ од 5.000.000 денари. Jавното отварање ќе се оддржи на 17 јули 2017 година во 10 часот, во зградата на Општина Струга.
Од граѓанска иницијатива „Доста“ се против ваков тендер, бидејќи тоа би значело дека локалните, а и централните власти, планираат да продолжат да ја користат дивата струшка депонија и со тоа да ги трујат стружани.
„Ние ќе ги искористиме сите можни механизми, преку протести и акции, да делуваме со цел затворање на сегашната дива депонија и определување локација која би била побезбедна за одлагање отпад. Имавме ветувања од централната власт дека ќе донесат странски инвеститор којшто ќе го рециклира отпадот, но, тоа може да се случи и за 2-3 години, а дотогаш, мора да се изнајде решение кое ќе биде добро за сите“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Глигорие Ќатовски, од граѓанската иницијатива „Доста“.
Тој додава дека локалната власт е немоќна да го реши проблемот со депонијата, освен да додели тендер за одржување на струшката депонија.
„Ние ќе побараме од Бирото за јавни набавки да изврши надзор која фирма ќе го добие тендерот и да види дали ги исполнува условите за одржување на депонијата“, истакна Ќатовски.
Д. Муратов