Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, соопшти дека средствата што биле наменети за одржување на празничниот концерт, по повод Денот на ослободување на Куманово – 11 Ноември, огнометот и новогодишното украсување на градот ќе бидат наменети за обезбедување и набавка на таблети и друга електронска опрема, која ќе се користи за онлајн настава за учeниците.
„Оваа година решивме да ги пренамениме средствата кои се предвидени за организација на концертот и за новогодишното украсување и огномет. Веќе дадов предлог до Советот со ребалансот на буџетот овие средства да се вметнат во ставката заштеда, а потоа да се пренаменат за набавка на таблети и друга електронска опрема, што учениците од нашата општина ќе ги користат за онлајн настава,“ изјави Димитревски.
Димитриевски истакна дека Општина Куманово со сопствени средства, за СОУ-Гимназија “Сами Фрашери” и ОСТУ “Наце Буѓони” обезбедиле 34 смарт табли, како дел од нагледни средства.
„Зградата на поранешен ЗИК Куманово ќе биде целосно дигитализирана со овие најсовремени средства за следење на on line настава и настава со физичко присуство, со цел унапредување на начинот на образование, овозможувајќи им на учениците успешно да ги совладуваат наставните предмети и содржини“, истакна Димитриевски.
Димитриевски најави дека годинава, поради пандемијата со коронавирусот ќе има скромно одбележување на празникот.
По повод 11 Ноември, Димитриевски се сретна со градоначалникот на општина Гњилане, Република Косово Љутфи Хазири, со цел потпишување на Договор за збратимување на општините.
„Овој Договор е резултат на традиционално добрите односи помеѓу двете општини и долгогодишната успешна соработка во развојни проекти и програми за меѓусебен развој и унапредување на економските и културните односи. Претходно, присуствувавме на традиционалната изложба на кумановски ликовни уметници, на која учествуваа единаесет академски ликовни уметници (сликари, графичари, вајари) од градот“, истакна Димитриевски.
А. П.