Со проекцијата на филмот „Husbands and wives“ и дискусија за бракот како институција, Дебатно кино „Контра кадар“ – Битола го започна месец февруари посветувајќи го на сексуалноста. На проекцијата гостинки беа Ирена Цветковиќ, Ивана Драгшиќ, Јана Јакимовска, Румена Бужаровска, Ана Василева и Јасмина Василева од иницијативата #СегаКажувам.
Говорејќи за бракот како институција, говорничките на оваа дискусија истакнаа дека во конзервативните општества како нашето, традиционалниот брак сè уште се „продава“ како идеал кој треба да биде постигнат, односно сè уште постои размислувањето дека секој оној кој успешно ќе го заврши своето високо образование, ќе пронајде работа и ќе заснова семејство е реализирана индивидуа.
Според говорничките кои ја поттикнаа иницијативата #СегаКажувам, која наиде на голем одзив на социјалните мрежи, бракот на еден начин „нормализира“ ситуации како семејно и сексуално насилство, нешто што е недозволиво, а сепак конзервативните општества сè уште ги „трпат“, од страв „да не пукне срам“ помеѓу пријателите и пријателките.
На дискусијата беа посочени и бројни ситуации и проблеми со кои се соочуваат вонбрачните заедници, за кои институциите се уште немаат решение.
Токму иницијативата, односно алатката преточена во хаштагот #СегаКажувам е еден начин како граѓанките и граѓаните гласно да се спротивстават против дискриминацијата, предрасудите, насилството и сексуалното малтретирање.
Дебатно кино „Контра кадар“ месецот на сексуалноста го продолжува со уште две проекции и дискусии. На 15 февруари ќе биде проектиран филмот „ Belle de Jour“, додека на 21 февруари „The Piano Teacher“.
Марјан Николовски