Во Собранието не помина интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Пратениците вчера, со 59 гласа „против“, 20 гласа „за“ и 10 воздржани, гласале Спасовски и натаму да раководи со полицијата. Барањето за интерпелација отвори жестока дебата во Парламентот.
Во интерпелацијата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност од Спасовски за несовесното, нестручното и селективното работење. Според нив, непрофесионалното работење на МВР довело до скандали, корупција, a како што посочија, граѓаните биле жртви на грабежи, обиди за убиства, рекетирања и насилства.
Опозицијата го обвини Спасовски за незаконски тендери за возила во МВР, за непотизам, за селективно апсење на членови на ВМРО-ДПМНЕ и на неистомисленици.
Според власта, Спасовски е професионалец, кој посветено ги исполнува своите обврски како министер за внатрешни работи.