Премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во однос на почетокот на изборната кампања, изјави дека треба да биде запишано дека се организирани и спроведени со максимална заштита по здравјето на граѓаните, во фер и демократска атмосфера, каде граѓаните ќе го остварат своето право на глас.
„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период, кога се очекува непречено функционирање на сите институции во државната власт. Изборите се решение за да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза.. На нашата парламентарна демократија, но пред сè на јавното здравје, и на сите наши граѓани, потребно ни е ново и активно Собрание и целосно функционална политичка Влада, за да можат да се носат сите неопходни одлуки за менаџирање на здравствената и економската криза“, истакна Спасовски.
Според Спасовски државата и институциите покажале капацитет да се справат со последиците од КОВИД-19, но дека следната фаза мора да биде спроведување на изборниот процес со максимална заштита на сите учесници во истиот.
„На 15 јули, граѓаните согласно сите мерки за заштита ќе го искористат своето право на глас, ќе обезбедат целосно функционални и легитимни институции. Подготовките се веќе започнати, во тек се сите активности за да се обезбедат услови согласно протоколите за безбедна кампања, работа на ДИК, на сите избирачки одбори и мониторинг на изборниот процес. Правото на граѓаните да го остварат својот глас, нема да го загрози нивното здравје. Се повикувам на епидемиолозите, кои потенцираат дека процесот на гласање не ги изложува гласачите на ризик, доколку ги почитуваат мерките. На гласачките места се задржуваме од 3 до 5 минути, што е помалку од нашето одење во маркет или пазар, треба да ги носиме маските и да одржуваме дистанца. Да си го оствариме граѓанското право и да создадеме функционални институции“, додаде Спасовски.
Ова е прв пат каде се организираат избори во Македонија како членка на НАТО и земја кандидат која е во последната фаза за членство во ЕУ, за која се подготвува преговарачка рамка.
„Тоа е уште една обврска повеќе и мотивација за ангажман за спроведување на изборите по сите европски стандарди. Овие избори се прилика во која мора да дојде до максимален израз личната, политичката и професионалната одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и развојот и напредокот на државата“, додаде Спасовски.
Спасовски истакна дека сите политички партии, секој непосреден учесник во изборната трка, членовите и симпатизерите на партиите, секој граѓанин и сите општествени институции заедно треба да придонесат за фер натпревар, без говор на омраза.
„Секое прекршување на мерките на заштита од КОВИД-19 ќе биде казнет, затоа што сите сакаме оваа криза да заврши што побрзо и да ја поминеме со што поблаги последици, а тоа значи почитување на мерките“, изјави Спасовски.
Спасовски истакна дека секоја злоупотреба на државен ресурс за партиски цели исто така ќе биде најстрого санкциониран.
„Оваа порака ја упатувам до функционерите и оние кои имаат пристап до државните ресурси. Надлежните институции ќе ги добијат целокупната поддршка и помош за организација за спроведување на изборите. Очекувам соработка меѓу Владата и Собранието, а особено со ДИК, ДКСК, домашните и меѓународните набљудувачи, како и сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организација и спроведување на изборите“, вели Спасовски.
Спасовски на крајот додаде дека е особено значајно граѓаните да бидат мотивирани да учествуваат во демократскиот изборен процес, дека тие се носителите на демократијата, ги носат одлуките и ќе ја изберат политичката опција на која ќе и ја дадат довербата да ја води државата во наредните четири години.
Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија закажани за 15 јули започнува денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк. Ова се најспецифичните избори што ќе се одржат во земјата имајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19 и мерките што учесниците, гласачите и изборната администрација треба да ги почитуваат за да си го заштитат здравјето.
На парламентарните избори учествуваат 15 коалиции и политички партии, од кои најголем дел веќе ги почнаа своите активности со промоција на програмите и теренски посети и средби со граѓани.
Кампањата ќе трае до 12 јули на полноќ, кога ќе настапи тридневен молк. На 13 јули ќе гласаат болните од Ковид-19, и лицата во карантин и во самоизолација, но само оние што седум дена претходно ќе се пријават за тоа. Сите останати кои до денот на гласање ќе бидат потврдени како позитивни или ќе одат во самоизолација нема да можат да гласаат на 15 јули. На 14 јули ќе гласаат болните и изнемоштените, како и затворениците и лицата кои се во притвор. Гласањето на 15 јули почнува во 7 часот наутро и ќе биде два часа продолжено и завршува во 21:00 часот.
А. П.