Во избирачко место 1475, Црнилиште, општина Долнени, А. И. и Б. Џ. Се граѓани што се починати, а фигурираат на Избирачкиот список и воедно дека гласале. И. М. Е гласач што живее во Швајцарија, а во Изводот од Избирачкиот список стои дека гласал – се вели во приговорот на Алијансата за Албанците поднесен во Државната изборна комисија во законскиот рок за приговори.
Понатаму, во приговорите од оваа партија, се наведува и дека во избирачкото место 1476, Црнилиште, општина Долнени, Ќ. А. И Ќ. Е. се починати лица, но фигурираат во изводот од Избирачкиот список. АА тврди дека овие лица гласале.
Во материјалот кој АА го испрати до ЦИВИЛ, се наведува и дека во истите избирачки места (1475, 1476) во Црнилиште, општина Долнени, перманентно се вршела контрола на Избирачкиот список од лицето Н.Ќ., член на ОИК, кој потоа ги споделувал информациите со штабот на ДУИ. Потоа, се вршел притисок врз граѓаните по телефон, а се одело и од по куќи за да ги мобилизираат да излезат на гласање.
Претставник на ДУИ, М.А., директор на јавно претпријатие, ги посетил овие две избирачки места (1475, 1476) повеќе пати. Тој стоел во близина на избирачките места и барал гласачите јавно да покажат за кого гласале, се наведува во извештаите на АА до ЦИВИЛ. Во телефонскиот разговор со претставник на АА, добивме и информација дека забелешките од партиските набљудувачи на оваа партија не се внесувани во дневникот на настани во наведените избирачки места. Притоа, од АА наведуваат дека во моментов се врши притисок врз оние што ги имаат овие информации, да не ги споделуваат со јавноста и надлежните органи.
Во приговорите на АА се најде и податокот дека Избирачкиот одбор во 1476 не ја почитува законската обврска за 30% застапеност на жени. Од 10 членови во Избирачкиот одбор, само две се жени.
ЦИВИЛ ги доби целосните имиња и презимиња на сите инволвирани во овој случај. Правниот тим на организацијата изрази верување дека овие наводи од АА заслужуваат внимание на соодветните органи. Овој извештај ќе биде испратен и до Основното јавно обвинителство со прашање дали се планираат активности на оваа институција по приговорите и информациите за овие и слични наводиза текот на изборниот процес.
Тимот на ЦИВИЛ објави дека е отворен за сите извештаи за изборни нерегуларности, без оглед на тоа дали доаѓаат од граѓански пријави, партиски извори или од други невладини организации. Анализите од извештаите од 314 акредитирани набљудувачи на изборите се подготвуваат забрзано. Мобилен тим на ЦИВИЛ посетува различни места низ земјата и прибира сведоштва и материјали со кои ги проверува и потврдува извештаите од теренот.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ