Студентските протести во Србија, се едно од најзначајните случувања што актуелно се одвива во овој дел од Балканот. Храброста, граѓанственоста, решителноста и масовноста се потврда дека граѓаните на Србија, овој простор на злосторства и геноцид во XX век, простор потонат во автократија, злоупотреба на власта, слободата на медиумите и народните ресурси во XXI век, се кренаа на нозе да ја осведочат својата определба за цивилизациските вредности, граѓанството, демократијата, како и да го објават, и со бројка, неприфаќањето на владеење без полагање сметка.
Не можам, а да не ја видам оваа парабола на методите што белградските студенти ги одбрале за да му се спротивстават на владеењето на Вучиќ, со мирољубивите методи на Албанците во Косово во периодот на 80 – 90 години од минатиот век: граѓанскиот марш низ градовите во Косово, во знак на солидарност со протестите на рударите и студентите од Приштина против политиките на Милошевиќ во 1989 г., онака како што студентите од Белград завчера тргнаа кон Нови Сад, во знак на солидарност против политиките и владеењето на Вучиќ; нивната определба за граѓанска непослушност е сосема иста како онаа на Албанците од Косово.
На Србија ѝ се случува „Косово“ – без Косово!
Политиките што српските автократи со комотност и воена супериорност ги применуваа кон Албанците во Косово, денес им се враќаат како бумеранг во Белград, Нови Сад, Ниш…
Кон студентите, непослушното граѓанство и мирните протести на Албанците, Милошевиќ одлучи да дејствува со насилство и ароганција. Но историјата е непредвидлива, те става пред истите предизвици, но со други улоги: ќе примени ли Вучиќ насилство над студентите и непослушните граѓани, мирољубиви како Албанците, денес кога тие не се Албанци, туку Срби?
Историјата ја донесе власта во Србија пред истата ситуација: да примени сила или не?
Србите имаат една позната поговорка: „Ко другоме јаму копа, сам у њу упада“.
А параболата среде граѓанското и еманципаторско движење во Косово, некаде педесеттина години порано, со сегашните обиди во Србија за граѓанство, еманципација и излез од паланечкиот менталитет, има уште една фрапантна сличност: стиропорот! При движењето на студентите од Белград кон Нови Сад, ним им беше понуден еден „албански изум“ за тешки случаи, кога ноќта треба да ја поминеш на ливада: стиропор!
За време на егзодусот на граѓаните на Приштина, во 1999 г., на просторот на Железничката станица, каде што требаше да се чека возот, а ноќта беше долга, снаодливите момчиња искршија еден магацин и најдоа стиропор, кој потоа граѓаните го употребија, за да ги заштитат семејствата од студот и влагата на ливадата. Сосема исто, како во Инѓија, така и во романот „Вечера под бомби“ (Darka nder bomba).
Ништо не е пофантастично од реалноста!
Фрагмент од „Вечера под бомби“
Албан не можеше да се смири и се вртеше наваму-натаму размислувајќи колку деца апатриди можеби се родиле на оваа ливада деновиве. Во тие мигови, некаде од десната страна на Железничката станица, се појавија некои бели табли на кои се прекршуваше месечевата светлина и се чинеа како нешто нереално. Многу бргу се разбра дека оние четворица клинци, врткајќи се горе-долу низ кампот, нашле некаков магазин кон крајот на ливадата, го искршиле и откриле внатре табли стиропор; беше констатирана дебелината од 3cm и димензиите од 1m X 50 cm, и почнаа да им ги делат на семејствата. Се створи неред натаму и не можеа сите да земат стиропор. Посилните и поснаодливите почнаа за да им постилаат најпрво на старците и на болните, но кога подоцна се увиде дека нема за сите, чувството за солидарност беше победено од инстинктот, па започнаа тие табли да ги кршат на помали парчиња, за да им ги поделат на семејствата. Во еден миг тие искршени парчиња стиропор што се послаа на сите страни на ливадата и на кои се прекршуваше светлината на занесната месечина, се чинеа како пената на брановите, на некое море вознемирено од ветровите на историјата и провидението. Единствениот кој го трансцендира тој момент и не беше преокупиран со утилитарноста на стиропорот, беше Албан.
„О убав Боже“, рече со половина глас, движејќи се во празно, за да може да ги долови и да ги вкуси тие монументални сцени, каде што месечината помамена од светлината, човечката драма растурена низ полето и расфрлениот стиропор ја создадоа таа алузија на растревожено и распенето море, тој театрален ефект на сцената на провидението, „Живот је леп“…
Само што седнаа врз нив, повторно сѐ се смири, онака како што морето се успокојува после бурата.
Превод од албански на македонски: Алида Муча
Објавено на албански во: Albania Post