Српскиот патријарх Порфириј во Белград го пречека архиепископот Охридски и Македонски и поглавар на Македонската православна црква – Охридска архепископија г.г. Стефан, пренесува МИА.
Патријархот Порфириј на својот фејсбук и на инстаграм профил објави видео снимката од пречекот во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград.
Архиепископот г.г. Стефан пристигна во Белград во придружба на архиереи на МПЦ-ОА.
-Како што бијат камбаните на црквата „Свети Сава“, така и нашите срца чукаат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојдовте браќа Архиепископ Стефан и владици. Добредојдовте во заедницата на љубовта, вие и целиот ваш богољубив народ. Ние сме браќа и само браќа!, напиша патријархот Порфириј.
Како што соопшти Српската православна црква, денеска во храмот „Свети Сава“ во Белград ќе се одржи архиерејска литургија на помирување, на која ќе служат патријархот Порфириј и архиепископот Стефан.
На литургијата ќе сослужуваат архиереи на двете цркви.