– Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека ова е важен чекор кон подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и дека заедничката солидарност и самоорганизираност покажува дека можеме да се избориме за поголемо унапредување на стандардот и нашите работнички права. Овој пример покажува дека заштитата на правата на вработените е во полза на медиумите и, следствено, на нивните сопственици и затоа за нас останува нејасна праксата на обесхрабрување на вработените синдикално да се организираат од страна на некои сопственици на медиуми, се вели во соопштението.
Од ССНМ појаснуваат дека идејата за оваа помош произлегла од податоците дека сите други економски мерки што се однесувале на медиумите не успеале докрај да ја постигнат целта, бидејќи платите на вработените во многу медиуми биле намалени, а во одредени биле забележани и отпуштања.
– ССНМ своето барање до Владата за оваа мерка го темелеше на три принципи – начелото дека само социјално и економски обезбедени медиумски работници може професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста, како и фактот дека целта на секоја економска помош треба да бидат самите вработени, односно подобрување на нивната социјално-економска положба . Третиот принцип се однесува на фактот дека новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата се на фронтот во борбата против вирусот, наведува ССНМ.
Од ССНМ апелираат до новинарите и медиумските работници да пријават какво било прекршување на оваа уредба и на сите други работнички права кои произлегуваат од Законот за работни односи.