• Latest
Војо Маневски

Стабилизација како судбина

August 30, 2022
Фото: Скриншот

Стармер: Состанок во Лондон в понеделник за ресетирање на односите меѓу ЕУ и Велика Британија

May 16, 2025
Фото: Х. Мицкоски/Фејсбук

Мицкоски: Стратешкиот договор со Обединетото Кралство ќе овозможи инвестициски циклус од околу шест милијарди евра

May 16, 2025
Фото: Емануел Макрон нa „X“

Макрон и Зеленски по телефонскиот разговор со Трамп: Русија купува време и ја продолжува војната

May 16, 2025
Фото: Кабинет на претседателот

Зеленски изрази жалење за пропуштената можност за мир: Путин не се согласи на ништо

May 16, 2025
Фото: Влада на РСМ

Европските лидери од Тирана: Ставот на Русија во преговорите со Украина е неприфатлив

May 16, 2025
Фото: Влада на РСМ

Мицкоски – Стармер: Договорот за стратешко партнерство значи посилна соработка и поцврсти односи меѓу двете земји

May 16, 2025

24 ЧАСА: Пораки од Тирана – нов пакет санкции против Кремљ; Додик продолжува со геноцидната реторика; преговарачите на Украина и Русија лице в лице во Истанбул

May 16, 2025
Фото: Х

Герила акција на „Кој е следен“ пред ОЈО: Бело платно со имињата на настраданите во пожарот во Кочани

May 16, 2025
Фото: МИА

Кошта: Светскиот поредок е поткопан, руската агресија во Украина донесе војна во Европа, во Газа, хуманитарна трагедија, потребна е колективна соработка

May 16, 2025
Фотомонтажа: Д. Мишев/ЦивилМедиа

Трамп воодушевен од „многу силното минато“ на сирискиот претседател, поранешен член на Ал-Каеда, за чија глава САД распишаа награда од 10 милиони долари

May 16, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home СЛОБОДНА ЗОНА

Стабилизација како судбина

August 30, 2022 11:11
in СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Војо Маневски

Војо Маневски

Share on FacebookShare on Twitter

ВОЈО МАНЕВСКИ

Владата донесе одлука за воведување на кризна состојба поради состојбата со енергијата. Економски, а посебно во постапките при мерките на Владата ова секако значи дека слободниот пазар на електрична енергија и други енергенти на одредено време се става под посебен режим. Можноста да се користат големи средства за таква намена несомнено во вака поделено општество ќе доведе до низа на спротивставени мислења и постапки. Колку сето тоа ќе биде принципиелно однапред се знае. Едните ќе тврдат едно, а другите сосем спротивно. Кај нас средината се смета за предавство. Дали ние сме такви или такви не направи системот во кој живееме, ама не го разбираме докрај, ете им тема на илјадниците магистри од општествените науки. Ние обичниот свет што како прат се свива пред сите бури што го удираат, мораме да најдеме и нешто што ќе ни даде надеж дека и ова ќе помине. Додуша така одамна го поминуваме векот, надевајќи се дека сѐ има век на траење. Само се плашам дека таков рок на употреба имаме и ние како поединци и за жал и како народ.

Не е време само за теми кои ни го набраздуваат челото, туку и за барање малку убавина во животот што го живееме. Гледам во ридот што ја прави клисурата пред мојот двор и низ сеќавањата ми се јавуваат ретките грмушки и десетиците кози кои ја украсуваа глетката, а имаа спасувачка улога во доцните деведесетти, кога новокомпонираните политичари и старите структури оставија 400 илјади граѓани без работа и приходи. Не ги нарекоа така, туку им дадоа уметничко име – стечајни работници. Секогаш се прашував како таквата генијалност во преведување на народот жеден преку вода не го искористија за општествен развој, каде ли ќе ни беше крајот? Да, на тоа време ме потсетува ридот кој сега е закитен со десетици дрвца што го разубавуваат, a козите одамна ги нема. Го спасија тие тогаш народот да преживее и си заминаа да не нѐ потсетуваат на гладните години. Не е во право идеологот кој рекол дека магарињата и козите се слика на сиромашен народ. Ај сега нека види колку чини козјото сирење и магарешкиот сапун. Не ги препознаваме сопствените предности, ама тоа е. Се плашам дека и тие новоизраснати дрвца ќе бидат во опасност пред зимата, која ни ја најавуваат како нешто што ќе ни го дотера паметот за расипништвото во трошењето на енергијата не само нам, туку и цел потрошувачки и неодговорен свет. Таман се подготвував сѐ ова како некритичко сеќавање да го опишам, кога од соседството почнаа да допираат рамномерни звуци на удирање по некаков метал. Е како што сум старомоден и неотуѓен, веднаш отидов да проверам кој тоа го вознемирува соседството, кое е фрагментирано и затворено во сопствените авлии. Соседот мој исписник од едно друго време го навалил стариот шпорет „Смедеревец“ како кај автолимар и чука со чеканот.

Алоо младичу, му се обраќам како да сум му заборавил едно четириесет години од матичниот број, што си му попаднал на тој шпорет, светот монтира клими на секое ќоше, а ти го поправаш стариот шпорет? Широката насмевка ме разоружа, а домашната бела, сипана во кристална чаша од 30 милилитри, веднаш ми направи приклучок кон важната тема.

– Чашиве преживеаја веќе многу години другарче, ги купив од Италија кога одевме по супер рифле фармерки, во време кога во поранешната држава имаше СТАБИЛИЗАЦИЈА.

Како низ времеплов нѐ окупираа сеќавањата за едно време кога државата банкротираше, ама не нѐ оставаше да очајуваме, туку ни објасни дека немањето на струја по едно дванаесет часа, пиењето дифка како правоверно однесување кон капитилистичкото кафе е само нужен дел од несопирливиот пат во градење на социјализмот.

Е што де и тоа го преживеавме, ми вели весело комшијата. А имаше и мигови на кои сега се сеќавам со носталгија од тогашната стабилизација. Само братче овој сегашниот народ и тој што сега фаќа норма во небеските фабрики не е истиот. Тој беше научен да преживува секакви зли доба. Овој сегашниот е друг и не сум сигурен дека е од истиот генетски материјал. Оној стануваше рано наутро, а овој си легнува во тоа време. Оној народ беше задоволен, ако му е среќно семејството, а овој се грижи само за себе и да не ти ги редам разликите, долго ќе трае. Да бе оној знаеше дека плевелот се корне со копање, а овој сега пребарува по гугл да види што е тоа мотика.

– Држи од оваа страна на тенекијата и не собирај само мои мисли ако си новинар смисли си свои реченици, а не само позајмуваш од нас што со тебе се дружиме, насмеано ме прекори. Сега лимов од машина за алишта ќе го закачам со поп нитни и да видиш каква фурна ќе биде. Овој лим не рѓавее и повеќе држи топлина. Ќе видиш кога на зима ќе те викнам на печени компири ќе се изненадиш.

Добро е што не си го предал шпоретов за субвенции за клима уред му дофрлив. Ај сега не ме нервирај оти ќе ти отиде прстот, нервозно ми одговори. Шпоретот е како и куќа и како дом бре братче. Климата дува со енергија испратена кој знае од каде, а ова е изворот на домашна топлина. Го одржуваш огнот да те грее, ама и го користиш да си направиш јадење.

Замисли го семејството собрано под климата и таа дува топлина, а сите гледат во телефоните и никој со никого не се слуша, телевизорот троши струја, иако никој не го гледа и е само за „уметнички угоѓај“. Еее, сега ќе нема струја, ќе нема доволно да дува туѓата топлина и што ни преостанува? Да си го исчистиме шпоретот, да си купиме дрва за топлење на една просторија. Масата на сред соба и сите да се видиме кои и какви сме. Децата ќе се лутат, ќе квичат за интернет и телефоните, ама ќе им помине, па ќе мора да видат колку им остареле родителите осветлени на домашно светло и без фотошоп. Како мириса зелка со чадено месо што се вари цело попладне за да се сервира за ручек идниот ден. Да  видат и помирисаат кога се  лупат и пржат компири и не се безмирисни кога се приготвуваат како на спотовите на јутуб. Да им го чујам гласот бе комшија, а не постојаното кикотење кога зборуваат на телефон. Е ако не ти е јасно тоа ти греј се на клима.

Ај сега додавај ми по еден од тие термо циглите другарче и понатаму ме сардисуваше со разговор и задачи комшијата, ама веќе со покачен тон. Досега овој шпорет беше ѕидан со цигли од шамотни цигли и лепени со стаклена вода и такво брашно. Сега со цигливе од термопечката ја обновувам целата внатрешност на горилникот. Постепено ги вклопувам и ги лепам со истата смеса. Нов поцинкуван лим од челик, нова термовнатрешност и ќе видиш како ќе излезе нов шпорет. Само немој ти со твоја новинарска памет да раскажеш сега дека немам лиценца, шпоретов има авторски права на произведувачот и слични нестабилизаторски расправии. Ова е во духот на новата стабилизација. Се штеди на енергија, ама и на пари. Инфлацијава бргу ни ги јаде платите и пензиите.

По неколку часа стабилизаторски занаетчиски активности стигнавме до крајот на рехабилитацијата на шпоретот и на знаењето за справување во кризни времиња. Со пепел и ситен песок го истретиравме шпоретот, а тој светна како сега да е донесен од НА-МА. За помладите тоа беше називот за некогашните молови, а таа кратенка значеше – народен магацин. И куќите веќе не ни се како некогаш. Некогашните кујни и соби за целодневен и ноќен престој сега се споени со околните простории, па живееме на широко. Кога човек подобро погледне на семејства од два три члена, кои се дружат само во слободно време и не им се потребни соби, туку престојувалишта за преспивање. Сѐ друго има да се купи во маркетите, а за семејството се размислува како за појава пред изумирање.

Комшијата веќе ја преградил големата соба, а покрај модерната кујна ставил убава маса со шест столчиња и чинија се овошје на средина покриена со хеклано милје. Шпоретот се смести во делот кој го зафаќаше микробрановата печка и неколку други миксери и соковници. Буриите фарбани во бела боја легнаа како од секогаш да се биле таму. Помолчевме малку додека го пиевме кафето, а чадот од цигарите го дувавме низ отворениот прозорец. Замисли голем кристален пепелник, а ние шестмина играме Хант и пушиме цигари! Никој не се лути сѐ додека не почнат да солзат очите или видливоста се намали на половина метар. Да, не е модерно другарче денес тоа, а можеби и не е во склад со модерното здравство, ама има една работа што денес тешко ја надополнуваме. Се дружевме, се дружевме и бевме и соседи и пријатели, а некои и семејство, со напукнат глас како да е испушил кутија Лорд од Тутунски комбинат Куманово, ми ги враќаше сеќавањата мојот сопатник и исписник и сосед. Си заминав накај дома со малку поведри мисли. Ќе нема струја, ама ќе има свеќи, ќе нема телефони, ама ќе мора да се дружиме и да разговараме. Ќе нема струја за загревање на цел стан, ќе загреваме една просторија и ќе бидеме поблиску. Ќе се караме, ама тоа го правевме и досега во големите простории, сега барем ќе се караме од блиску. Ќе си легнуваме во незагреани соби и ќе мора да спиеме поблиску, а тоа отвора низа на теми за кои може и друг пат да се пишува. Значи во секоја лоша состојба мора да се најде и нешто за задоволство. Италијаните имаат еден филм што се вика „Ла вита е бела“, а ние си ја имаме нашата изрека – сиромав човек жив ѓавол е.

Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Пандов љубител на костимирани настапи: ангелче, комита, моторџија, историчар, директор, а сега влезе и во мафијашки филм

    142 shares
    Share 57 Tweet 36
  • Зошто надворешната политика на владата на ДПМНЕ е антинационална и стана „тажната приказна“ на Балканот

    132 shares
    Share 53 Tweet 33
  • Тричковски: Медиумите се за граѓаните тоа што е златицата за компирите!

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • Мрежа за заштита на жените Ромки: Фемицидот врз Рамајана не е изолиран инцидент; 142 случаи на семејно насилство врз ромски жени регистрирани во 2024

    96 shares
    Share 38 Tweet 24
  • ПОРТОКАЛОВА ГЛАВА НА ТЕГЕТ ОДЕЛО: Трамп, дрско и без почит, во потрага по внимание на погребот на Папата

    93 shares
    Share 37 Tweet 23

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ