Од СДСМ велат дека исправиле децениска неправда, со тоа што 12.000 стечајци добиваат по 8.200 денари до пензионирање, бидејќи секој граѓанин е важен.
„СДСМ преку конкретни и вистински мерки и реформи покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани. Времето на поделби, дискриминации и маргинализирање на граѓани заврши со заминувањео на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.
Решен е деценискиот проблем со стечајците, 12.000 стечајни работници добиваат месечен надоместок од околу 8.200 денари до нивното пензионирање.
Исправена е долгогодишната неправда кон наши сограѓани, кои не по своја вина, ниту волја, останале без работа и без месечни примања. Градиме општество кое нуди фер и еднакви можности за сите. На прав пат сме, се грижиме за сите, затоа што секој е важен“, велат од СДСМ.
Претходно, Владата предводена од Никола Груевски ги игнорираше стечајците иако неколкупати протестираа, дури и спиеја во шатори пред Собрание, но сепак нивните барања не беа прифатени. Тие беа дури и понижувани, во една ситуација додека протестираa пред Собрание, полицајците ги натераa стечајните работници да ги собираат пикавците од цигари што беа фрлени на улица, во спротивно ќе ги казнеле.
По доаѓањето на новата власт предводена од Зоран Заев, се реши деценискиот проблем на стечајните работници, и наместо 6.000 денари колку што бараа во времето на Груевски, тие сега добиваат околу 8.200 денари.
Лилјана Георгиевска од здружението „Унит“ од Куманово, позната како неформална лидерка на стечајните работници, во август 2017 година за ЦИВИЛ Медиа изјави дека тогаш ветените од Владата 7.596 денари, не се за потценување.
„Тие се спас за стечајните работници, да можат да имаат за леб и за лекови… има голема смртност меѓу стечајните работници, не само во здружението УНИТ, туку низ целата земја, вклучувајќи ги и нерегистираните стечајци. Според евиденцијата, која ја имаме од Заводот за вработување, за жал, над 51% од стечајните работници се починати“, изјави Георгиевска за ЦИВИЛ Медиа.
Законот за стечајци ги опфаќа невработените лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, по 1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година.
Д. Муратов