поентира: ЏЕВДЕТ ХАЈРЕДИНИ
Стојан Андов во своите колумни во неделникот ФОКУС дава, како што вели, „критички забелешки” за многу мртви и живи учесници во настаните од деведесеттите години, само што ниеднаш не спомнал барем една сопствена грешка.
Јас три пати преку ФОКУС, од него барав да одговори на неколку прашања за кои сметав дека се однесуваат на повеќе негови грешки. Тој одби да одговори.
На пример, едно од тие прашања беше зошто он стана претседател на Собранието, а не некој од ПДП, која, според бројот на пратениците, беше на трето место, 5 повеќе од неговата партија. Се знаеше, исто така, дека, не случајно, Албанец беше и претходниот претседател.
Второ, не помалу важно прашање што му го поставив и не ми го одговори, се однесуваше на причината за тоа речиси две години да не се дозволи конституирањето на собранијата и не се дозволи преземање на функциите на претседателите на општините Тетово и Гостивар, согласно резултатот од изборите. Вината за ова не треба да му се припишува само нему.
Се отиде дотаму што, со одлука на Владата, во овие две општини беа именувани по тројца т.н. повереници. Практика која во Гостивар, поради „специфични околности“, Колишевски ја применил на почетокот на педесетите години.
Два обида во Гостивар, еден од поверениците да не биде Македонец, туку некој „подобен“ Албанец, беа неуспешни, поради отпорот на нивните семејства.