По повод Меѓународен ден на проверка на факти, Филип Стојановски, раководител на проектот КриТинк, од фондацијата „Метаморфозис“ истакна дека дезинформациите и лажните вести сѐ повеќе се присутни во јавноста кога станува збор за Ковид-19 што може да влијае на одлуките што луѓето ги носат кога станува збор за лекување или заштита од корона вирусот.
„Во контекст на пандемијата, проверката на факти како процес се покажа од исклучителна важност, бидејќи се спротивставува на дезинформациите заради кои луѓе може да одлучат да не побараат лекарска помош. Знаеме дека во многу случаи токму доцното почнување на лекување било причина за многу полоша клиничка слика, па дури и смрт. А за Ковид-19, како и за рак и други смртоносни болести, клучна е раната дијагностика. Исто така се важни и превентивните мерки, како вакцинирањето, против кое исто така се заговара од разни пропагандисти. Трет аспект е ширењето паника и недоверба во институциите, кое може да доведе и до насилство (како што видовме во САД). Уважувајќи ги напорите на над сто организации и членки, токму заради овие причини и бившата министерка за култура на Норвешка ја има предложено Меѓународната мрежа за проверка на факти како кандидат за Нобеловата награда за мир“, изјави Стојановски.