На 4 септември ќе започне судењето за обвинетите за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.
Почетокот на судењето кое требаше да започне денеска е отповикан по предлог за одлагање од Основното јавно обвинителство поради спојување на двете постапки.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Неодамна беше завршена и истрагата за Љупчо Палевски, првоосомничен за двојното грабнување и свирепо убиство, како и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември 2023 година.