-Без амбиции да ги опфатиме сите аспекти, треба да се забележи и тоа дека етнонационализмот опстана и по половина век живот според концептот „братство и единство“ на поранешната југословенска федерација што, патем, ја имавме во името на нашата држава до пред две години. Балканските народи ја негуваат етничката омраза уште од времето на распадот на двете најголеми империи кои го делеа Балканскиот Полуостров – Австроунгарската и Отоманската. И таа етничка омраза е длабоко всадена во сите пори на животот и во политиките што се водат во целиот регион.
Тоа е Балканот. Простор каде што митовите, глупавите бајки и фактите се испреплетени. Балканот, каде што етничката омраза и шовинизмот ги креираат крволочни манијаци во националните академии на науките и уметностите, во политиката и институциите, на работните места, во училниците и универзитетските амфитеатри, во кафеаните и чајџилниците, на стадионите, па дури и во градинките…
Џабир Дерала, „Национализам: Прпелкање во калта и јадење политички помии“
1 декември, 2020