ВОЈО МАНЕВСКИ
Големите теми имаат често и неразбирливи имиња. Mожеби тоа е за да се истакне нивното значење. Кога се работи за најдлабоките чувства каде се мешаат стравот од непознатото и надежта, тогаш најприкладно име е неразбирливото. Зошто верските институции имаат посебен јазик во комуникацијата со верниците и зошто верските обреди често се на компликуван јазик? Божјата порака треба да биде најјасна за да допре до срцата на луѓето што ја примаат таа порака.
Ова важи за сите религии кои нам овде ни се познати и на чии обреди може да присуствуваме. За разбирливоста на „илахиите“ нека пишуваат оние кои ја знаат таа проблематика, а за тропарите и богослужбите мислењето ќе си го задржам, повеќе почитувајќи го мислењето на режисерот Љубиша Георгиевски што во една прилика ми го кажа: „литургијата има специфична драматургија, ама јас ја доживувам како скалило низ кое се качуваме со молитвите. Мојата врска со Господа ја одредувам јас самиот, со тоа што ја одредувам брзината на качувањата по тие скали и искреноста на моите мисли во молитвите. Вистинските молитви се оние кои не ги искажуваш со гласни зборови, туку со сопствен јазик ги вградуваш во себе, со што истовремено му ги праќаш и на Господа“.
Овие зборови на големиот театарџија ми се вртат низ збрканите мисли, додека поминувам покрај Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во моето штипско Ново Село. Гледам кон нејзиниот ѕвоник и некаква мистичност или неодредено чувство ме преокупира. Таман мислев дека и јас по некој степеници ќе измолам малку милост од севишниот кога комшијата со кого го започнав денот ми довикна од влезот на црквениот двор: Новинарче, де почекај малку не бегај од нас обичните луѓе имаме и ние нешто да прашаме, ама и да кажеме.
Се насмеав зошто ми падна на памет една кумановска изрека – „е с’к сам га надрљаја“. Со две платнени кеси полни со продукти кон мене идеше комшијата и со глава ми покажуваше да влеземе во црковните предворја.
У бре новинарче, скапотија голема. Како маратонец сум, поминав десет маркети и исшетав цел пазар да најдам нешто добро и за помалку пари. Да ти кажам дека правам двојна корист. Ем физички сум активен, ем нешто поефтинко најдам да купам. Туку, не те викнав за тоа друго ме мачи веќе цел месец, а никако да ми се разјасни. Што е навистина работава со ова томосите што ни ги даваат, те Србите, те Грците, со тивок глас како да се плаши од силината на прашањето ме опколи комшијата.
Слушај комшија, ти си добар домаќин, знам дека одиш во црква на секој празник, колку знаеш и сакаш си го тераш христијанството. За тебе и за мене многу промена и нема. Се обидов да објаснам како што мислам без теолошки термини.
Чекај, чекај не ме потценувај. Јас тоа го знам и во оваа црква влегувам шеесет години и сѐ што имам од семејство е овде крстено и сполај му на господа и венчано. На колку литургии и богослужби сум бил сам Господ знае. Не ме мачкај како да си молер, туку кажи што викаат тие твоите колеги новинари – има ли нешто во сето ова нешто скриено што после ќе го дознаеме? Некако бргу сѐ ова се одвиваше и многу некако братски изгледа. Кај е овој народ научен на добри постапки од соседските народи. Велат дека нѐ ослободиле, а најголеми даноци собирале, нѐ администрирале, а со стап владееле. Нѐ крстеле и нѐ прекрстувале и затоа ова сега нешто не ми изгледа нормално. Читам и јас разни портали и фејзбуци дома не сме ние обичните граѓани паднати од Марс, па да сме слепци при очи. Како знаена молитва ми истури сѐ комшијата и значајно очекуваше одговор. Ај да слушам што ти мислиш новинарче, имаме ли томос за автокефалност или ќе почекаме некое „охи“!
Почнав да се врткам околу одговорот, убедувајќи го дека тој томос е пред сѐ потврда дека една помесна православна црква е признаена како самостојна, во заедница со сите други православни цркви и дека нејзината црковна активност е признаена како исправна според каноните на православната црква. Нашите свештеници, монаси и владики и досега имаа благослов да вршат црковни обреди и поуки, но само не беа признаени како рамноправна црква од другите православни цркви. Не се секирај комшија, крстен и венчан си по правилата на верата, а за последниот чин немој да се секираш, ќе те опеат на канонски признат начин се обидов да се пошегувам.
Не е фер да ме сметаш за толку необразован. А бе новинарче, вие мислите дека од сѐ се разбирате и сѐ знаете, а другите муви лапаат. Немој така ти се молам. Јас добро знам дека се работи за црква како организација, а не за вера во Господа. Па оваа црква во чиј двор седиме ја осветил Александрискиот Патријарх, а служеле и бугарски и српски свештеници, па народот си одел на црква како во свој храм и се молел како знае и умее. Не оделе на црква заради поповите, туку заради светците на кои им се молеле. За друго те прашав ако имаш информација. Тој томосот што ни го даде српскиот патријарх важи или не важи? Вчера читам на еден портал дека ќе сме чекале Вартоломеј да ни го даде томосот за автокефалност. Да не испадне после да се скараме со Србите, а од Грците да добиеме само охи, охи. Е тоа сакам да го разјаснам со тебе, а не за верата православна.
Имаш право му реков, верата и вербата на народот се црква, а храмовите се само место за вршење обреди. Молитвите можеш да ги праќаш од секаде и секогаш и таман мислев да му ја раскажам случката со режисерот Георгиевски, кога ме престаса со негови одговори на прашањето што мене ми го постави.
– А бе овие владиките испаднаа поголеми дипломати од овие што ги нарекуваме амбасадори. Некако чекор по чекор и надвор од јавноста нѐ доведоа до некаде. Сега не сме скарани со светот на православието, а и еден Томос имаме. Ќе доаѓале српски свештеници и владики по средновековните манастири и цркви да служат литургии. Па нека доаѓаат, подобро полни цркви, отколку само на големите празници да има верници во нив. Само би било добро и нашите владици да служат на македонски јазик во Србија. Не за друго новинарче да се чуе и нашиот јазик во литургијата, иако да ти кажам дека некако ми е повеќе позната богослужбата на црковно-словенскиот јазик.
Само климав со главата во знак на согласност повторно, прифаќајќи ја неговата реалистична претстава за состојбите со томосот и автокефалноста.
Грците ќе прават чинки сигурно, они се родени за скриена политика, ама такви се отсекогаш не од сега и така треба да ги прифатиме. Велат ќе ни ги земале црковните општини во дијаспората и ќе праќале нивни свештеници. Па не ги правеле тие, туку нашите иселеници и тоа по законите на тие држави. Таму сопственоста е светост и нема чепкање во неа. Нашите иселеници се сопственици на црквите и манастирите и ќе им врши богослужба свештеник што они ќе го повикаат и готово. За тоа не се плашам многу зошто и да ни земат некоја црква што ќе и прават, ќе ја прават грчка? И во нивните во Австралија има сѐ помалку верници во недела на литургија, а не да ги полнат и нашите цркви. Знаеш ли што ми рече еднаш поп Дудо како што го викавме протата во оваа црква. Црквата е Христова а храмот може да биде и српски и бугарски и грчки тоа е само зграда што луѓе ја подигнале.
Во право си комшија верниците се црква, а не храмовите, реков со благодарност кон неговиот излез од заедничките дилеми. Знам дека сите се плашиме од разни прекрстувања и однародувања, ама и тогаш мудриот народ знаел да се снајде. Ќе ти кажам една приказна што сум ја чул од еден колега од Крива Паланка.
Тргнале на пазар селаните од Псача кон Паланка и по пат ги сретнале српски џандари. Намуртени и со намера да казнат некого почнале да ги прашуваат што носат и каде одат.
– Господине на пазар одиме мора нешто да продадеме за да платиме порез, инаку ќе бидеме казнети снаодливо одговарале. А што сте вие Срби или Бугари, ај кажувајте! Шопи господине, ние сме Шопи од Псача. Како бре Шопи, вие сте Срби, какви Шопи.
Слушај ваму, сите клекнете до патот, симнете капите и повторувајте по мене!
– Господи прифати ја молитвата и преведи не од Шопи на Срби и тоа три пати повторете го. Дали ви е јасно или да ве водам во жандармеријата?
Уплашени селаните што не така ретко се наоѓале во вакви ситуации клекнале, ги симнале капите и повторувале по наредникот на жандармеријата.
Добро сега сте Срби и да не слушнам да сте рекле дека сте нешто друго, ај сега на пазар наредил наредникот!
Продолжиле по патот, а најмладиот прашал: Дедо што сме сега Срби или Шопи?
Дедото кој имал долги искуства со вакви работи, се насмеал и рекол: како не преведоа во Срби браќа, во името на Господа, нели? А зошто тие се поблиску до Господ од нас? Клекнете сите и симнете ги капите.
Господе боже помилуј нас и преведи нѐ од Срби во Шопје, зошто не од своја волја ти се молевме.
Ај сега сите станете и готово, сега сме си пак тоа што си бевме, а пред Господа сме исти и жандарот и ние, ама нашите молитви се искрени.
Завршив со приказната и чекав мудар коментар.
Види новинарче, ме замисли малку, иако повторно ми внесе друга дилема за која пак ќе те барам да ја разјасниме. Зошто не рекле ние сме Македонци, туку Шопи, а? Ова треба да се расчисти, ама не сега, туку ќе те побарам овие денови и да знаеш ќе прочитам сѐ што најдам за шоплукот.
Сѐ е на наш начин со постојани дилеми и трилеми, ама тоа сме што сме и друго не сме.












