Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп одби да ја отфрли можноста за употреба на воена или економска сила за преземање на Панамскиот канал и Гренланд.
Трамп, кој стапува на должност на 20 јануари, на прес-конференција во неговото одморалиште на Флорида ја претстави идејата за претворање на Канада во сојузна држава на САД, и вети дека ќе го промени името на Мексиканскиот Залив во Американски Залив.
Две недели пред преземањето на функцијата, Трамп почна да скицира агресивна надворешна политика, без оглед на загриженоста на американските сојузници. Запрашан дали може да гарантира дека нема да употреби воена или економска сила во обид да воспостави контрола над Панамскиот канал и Гренланд, Трамп рече дека не може да го каже тоа со сигурност.
„Можам само да кажам дека ни се потребни за економска безбедност“, додаде тој.
Трамп ги критикуваше трошоците на САД за канадски стоки и воената поддршка за Канада, нагласувајќи дека САД немаат корист од тоа, а границата меѓу двете земји ја нарече „вештачки повлечена линија“.
Тој посочи дека ќе воведе царини за Данска доколку таа се спротивстави на неговата понуда да го купи Гренланд, за која рече дека е од витално значење за националната безбедност на САД.
Данска соопшти дека Гренланд, самоуправен дел од нејзиното кралство, не е на продажба.
Непосредно пред коментарите на Трамп, неговиот син Дон Џуниор, пристигна во приватна посета на Гренланд.
Европската унија нема да дозволи други нации да ги напаѓаат нејзините суверени граници, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро како одговор на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд во врска со „сопственоста и контролата“ на огромниот арктички остров што е дел од Данска повеќе од 600 години.
-Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие… Ние сме силен континент, рече Баро.
Гренланд, дом на голема американска воена база, е автономна територија на Данска, долгогодишен сојузник на САД.
Панамскиот канал е единствено контролиран од истоимената земја повеќе од 25 години. САД ја вратија зоната на Панамскиот канал во земјата во 1979 година и го завршија своето заедничко партнерство во контролирањето на стратешкиот воден пат во 1999 година.
Извор: МИА