Ако сакаме да градиме инфраструктура во државата и да не ја градиме по 15-20 години, туку да ја завршиме за четири години и седум месеци, како што е договорот со „Бехтел и Енка“, тогаш, праксата, не само кај нас, туку и насекаде во светот, покажува дека треба да дозволиме и прекувремена работа, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На новинарско прашање пред настанот „БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“, организиран по повод одбележување на 28 април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, министерката рече дека Законот во Собрание не дефинира 60 часовна работна недела, туку прекувремена работа.
– Меѓутоа, прекувремена работа која што ќе биде платена за секој час одминат на работа на работникот и обезбедување на сите меѓународни стандарди што се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа на работниците. Во овој случај, градежните работници ќе добијат најголема заштита во делот на безбедноста и заштита при работа. Ако работат прекувремено, траењето на прекувремената работа ќе зависи најмногу од временските услови. Во пролет и лето можат да работат подолго од она што е во моментот превидено, но, ќе видиме колку ќе биде горната граница за прекувремено, рече таа.
Министерката посочи дека е најважно работадавачите да добијат писмена согласност од работникот дека се согласува да работи прекувремено и да бидат обезбедени сите стандарди за безбедност и здравје при работа и секој час прекувремено да биде платен на работникот.
– Она што е најважно и што го комуницираме во моментов со експертите со кои што работиме, да најдеме едно ново предлог-законско решение е да се обезбедува, согласно постоечкиот закон, 12 часа дневен одмор помеѓу еден и друг работен ден и да се обезбедува 24 часа одмор на работникот во текот на една работна недела, дополни таа.
Со предлог-измените на Законот за работни односи кој е во собраниска процедура, пратениците од власта предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно, со претходна согласност на работникот.
Тренчевска: Безбедноста и здравје при работа се учи од мали нозе
Многу е важно децата од мали нозе да ги учиме за безбедност и здравје при работа затоа што е тоа иднината на државата, од ученици еден ден ќе станат работници и ќе бидат на пазарот на труд, за да можат да бараат безбедни услови при работа, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
На настанот „БЗР од мали нозе – чекор по чекор, 5 години заедно работиме за БЗР“ организиран од страна на здружението за заштита при работа на општина Битола, здружението за безбедност при работа „28ми април”, Скопје и здружението на инженери за заштита „Тутела’’, Скопје, што се одржа во рамките на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април, министерката посочи дека со обезбедувањето на добри услови за работа има двојни придобивки.
– Од една страна, компаниите што обезбедуваат здрави и безбедни услови за работа имаат многу попродуктивни работници, а од друга, работникот е среќен и задоволен затоа што работи во безбедни услови за работа и се чувствува сигурен во делот на безбедноста и здравјето во своето работно место, рече таа.
Тренчевска информираше дека во моментов се работи на новиот предлог на Законот за безбедност и здравје при работа кој што, како што рече, треба да наведе и наставни содржини во процесот на образование за безбедноста и здравјето при работа и закон кој што ќе биде усогласен со сите европски директиви кои што се однесуваат на безбедност и здравје при работа и ќе обезбеди многу поголема заштита на работникот на работното место.
Дејан Ангеловски од здружението на инженери за заштита „Тутела“ истакна дека неофицијалната бројка на работници во земјава кои го загубиле својот живот на работното место изминатата година е 22.
– Сметаме дека со поттикнување на младите, унапредување на нивната свест во делот на безбедност и здравје при работа ќе придонесеме бројот на повреди од година да се намалува, рече тој.
Во рамките на денешниот настан беа доделени и награди за добри практики за компании како и конкурс за училишни творби, чија тема беше безбедност и здравје при работа.
Ангеловски информираше дека помеѓу наградените компании се Лимак, Комерцијална банка, Макстил и ЕВН Македонија, додека, на конкурсот пристигнале 205 творби помеѓу кои има наградени училишта од Кисела Вода, Штип и Прилеп.
Според Ангеловски, дел од вината за небезбедна работна средина е во работодавачите, меѓутоа, како што посочи, има вина и во работниците и нивната свест за зачувување на сопственото здравје.
– Не би сакале да посочуваме со прст кој е виновен, меѓутоа сепак сметаме дека генерално, не само државата, треба сите да се заложиме, почнувајќи од најмали нозе, самите институции, медиумите, да дадеме малку поголем акцент на безбедност и здравје при работа и не секогаш кога имаме некој прилог на телевизија, да ја гледаме онаа црна страна, негативна страна, малку треба да дадеме позитивен пристап за луѓето сфатат дека безбедноста е наменета за вработените, рече тој.
Фото: МИА