Вчера попладне на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во Вардар.
Случајни минувачи на патот пронашле четиригодишно дете и го пренеле во ГОБ „Св. Наум Охридски“ кое потоа е пренесено во Клиничкиот центар во Скопје, а од таму соопштија дека детето е во стабилна здравствена состојба и дека ќе биде под медицински надзор поради начинот на кој се случила несреќата.
На местото на несреќата беа упатени полициски службеници и Итна медицинска помош и јавен обвинител, а екипа на САЕ Тигар презеде мерки за вадење на автомобилот.
Во подоцните вечерни часови е извлечено возилото кое попладнето излета во Вардар во близина на село Рашче и од него се извадени тела на три женски лица. Потрагата по четврто машко лице кое најверојатно излетало од возилото во водите на Вардар продолжува, соопшти синоќа директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Несреќата беше пријавена во СВР Скопје во 16 часот и како што соопшти МВР претходно на локалниот пат за с.Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во Вардар.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се преземаат мерки за пронаоѓање на уште едно лице, кое според исказ од роднини, го управувало возилото „ауди“.
Д. Т.