ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ денеска одржа панел дискусија „Европските вредности кај младите: Правци и беспаќа“, на кој се зборува за за младите и европските вредности, еднаквата основа за развој во различни сфери и аспекти, како што е застапувањето, образованието, вработувањата…
Учесници на панелот се Бленди Ходаи, поранешен претседател на Сојуз на студенти, Веса Синани, средношколшка и активистка и Мустафа Јакупов, од „РеРома“ од Кратово.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Руската војска продолжува да се соочува со просторни, логистички и технички предизвици за време на нивниот напад врз источниот украински регион Донбас, при што украинските вооружени сили ги одбиваат нивните напади, пренесува Укринформ разузнувачки информации од Министерството за одбрана на Велика Британија.
*
Војниците на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, испратени да се борат во Украина, застрелаа неколку руски војници кои се побунија поради неплаќањето на ветените пари и одбија да се борат, соопшти портпаролот на украинската војска во Запорожје, полковник Иван Арефиев, пренесува Заксид.нет.
Инцидентот се случил во областа Полохи во областа Запорожје. Според портпаролот, кадировците брутално убиле тројца поттикнувачи на бунтот, кои биле подготвени да го предадат оружјето и да си одат дома.
Во исто време не престанува и снабдувањето со оружје на руската армија во областа Запорожје.
*
„Советот за безбедност на ОН нема да и помогне на Украина се додека негов член е земјата агресор – Русија, а состаноците за нејзината војна против Украина се губење време“, изјави Сергеј Кислица, претставник на Украина во Обединетите нации во вчерашниот говор на состанокот на Советот за безбедност на ОН.
Тој истакна дека од јануари се одржани повеќе од десет состаноци за руската агресија врз Украина.
*
„Завршува 55-тиот ден од нашата одбрана од руската агресија од големи размери. Во моментов, практично целиот борбено подготвен дел од окупаторската армија е концентриран на територијата на нашата држава и во пограничните области на Русија. Тие ги донесоа против Украина речиси сите и речиси се што може да војува со нас“, изјави украинскиот претседател Воломир Зеленски во своето редовно видео обраќање.
ДИСТРИКТ
Хоџиќ: Руската агресија врз Украина е ужасно злосторство
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио, интервју на Зоран Иванов со Џелал Хоџиќ – Претседател на политичката партија „Странка на демократска акција на Македонија“, но и граѓански активист, хуманист, посветен борец за човекови права, за едно општетсво за сите, зборува за украинскиот ужас, политиката, власта, опозицијата, изборите, пописот, иселувањето и за уште по нешто.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Панел дискусија на ЦИВИЛ за дезинформациите, пропагандата и проруските наративи во медиумите
ЦИВИЛ ќе ја одржи втората панел дискусија од серијалот „Зад димната завеса“ в четврток, 21 април, со почеток во 13 часот. Настанот ќе се емитува во живо, на Фејсбук и Јутуб. Тема на панел дискусијата е „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
Учествуваат универзитетскиот професор д-р Никола Дујовски и новинарите Љубомир Костовски од „Глобус“ и Дејан Андоновиќ од „Слободен печат“. Модераторка на дискусијата ќе биде Биљана Јордановска, ЦИВИЛ.
ИЗЈАВИ
Тренчевска: На вработените кои штрајкуваат ќе им бидат исплатени само придонеси
„На вработените во образованието и детските градинки кои штрајкуваат државата ќе им исплати само придонеси… Не се работи за притисок, ниту за каква било уцена, туку за почитување на законите и Колективниот договор. Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СТАВ Отворањето на Културниот центарот во Битола и тоа со име на еден учесник или соработник на Хитлер, на фашистичкиот окупатор, за мене е неприфатливо, тоа претставува провокација и нема никако да придонесе кон подобрувањето на односите, ниту ќе ја подобри климата во Бугарија, ниту ќе ја подобри климата во Северна Македонија, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски
ОБРАЗОВАНИЕ Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува дека на состанок на членството и раководството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска ќе биде прифатен вчерашниот заклучок на Владата – со ребалансот на Буџетот да се обезбедат пари за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за 10 проценти и дека штрајкот ќе биде прекинат, а социјалниот дијалог ќе продолжи за другите барања на Синдикатот.
ПРОВОКАЦИИ Премиерот Димитар Ковачевски со видео обраќање се осврна на провокациите што по повод отворањето на бугарскиот клуб во Битола поттикнаа говор на омраза и недоверба со намера да ги поткопаат и стават под сомнение досегашниот напредок во дијалогот меѓу Скопје и Софија постигнат од силната определба со јасна визија и лидерство од двете страни може да се дојде до достоинствено решение на споровите за заедничка иднина во ЕУ
ИНИЦИЈАТИВА Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека ќе поднесе иницијатива до Собранието да се донесе законско решение со кое ќе им овозможи на пратениците, кои најавија дека ќе поднесат измени на Законот за трговија, да работат во недела.
Б. Јордановска












