Украинската војска упати директен апел до народот на Белорусија, сојузник на Русија, во кој бара од него да не учествуваат во „валканата војна“ против Украина.
– Ги повикуваме сите граѓани на Белорусија да не ги почитуваат наредбите на вашето раководство за влегување во војна против Украина, се вели во соопштението.
Минск се обидува да го вовлече белорускиот народ во „валканата војна“, се вели во соопштението, во кое се повикуваат граѓаните да го направат „вистинскиот избор“ и да се држат настрана од тоа.
Меѓутоа, доколку Белорусија директно учествува во војната, „ние ќе одговориме“, предупреди украинската војска, пренесе ДПА.
Неодамнешното руско распоредување на илјадници војници и стотици оклопни возила во соседна Белорусија поттикна нови стравови во Украина дека рускиот претседател Владимир Путин може да започне нов фронт во неговата војна против Украина.
Во февруари, руските сили маршираа во северна Украина од градот Гомел во јужна Белорусија, недалеку од Киев. Сега, набљудувачите известуваат за зголемена воена активност во областа.
Белорусија не планира да војува со никого, на земјата не и треба војна, изјави денеска белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Лукашенко при проверката на воено-индустриските производи во регионот Брест уште еднаш ги демантираше информациите кои се шират на социјалните мрежи дека државата спроведува скриена мобилизација.
Тој рече да не се обрнува внимание на „споменатите поплаки“.
– Мораме да се смириме и да си ја гледаме својата работа ако сакаме да нема војна, рече Лукашенко.
И претходно белорускиот претседател изјавуваше дека нема потреба од мобилизација.
MИА