Русија можеби ја загубила целата елитна 155-та поморска пешадиска бригада во обид да го освои источниот украински град Вухледар, изјави украинскиот функционер Олексеј Дмитрашкивски за Политико. Тој рече дека голем број руски војници, вклучително и командниот персонал, се „уништени“ во близина на градовите Вухледар и Марјинка.
Тој наведува дека при обидот за заземање на Вухледар, Русите загубиле 130 парчиња опрема, од кои 36 тенкови. Секој ден кај Вухледар Русите губат по 150-300 маринци, тврди Дмитрашкивски. Пред нападот, елитната руска бригада се состоеше од околу 5.000 војници, кои сега се убиени, ранети или заробени.
Дмитрашкивски, портпарол на областа Тавриски на украинските вооружени сили, истакна дека „155-та бригада мораше да биде засилена трипати. Првиот пат по Ирпин и Буча, вториот пат кога беа поразени во Донецк. И сега речиси целата нивна бригадата беше уништена кај Вухледар“.
Тој додаде дека би сакал „оружјето од запад да дојде што е можно побрзо бидејќи тоа ќе ни даде можност не само да се заштитиме и да ја зачуваме територијата, туку и конечно да ги протераме“.