Едномесечната војна, започната од Русија против Украина, доведе до раселување на 4,3 милиони деца – повеќе од половина од околу 7,5 милиони детска популација во земјата.
Како што информира УНИЦЕФ, оваа бројка вклучува повеќе од 1,8 милиони деца кои преминале во соседните земји како бегалци и 2,5 милиони кои сега се внатрешно раселени во Украина.
„Војната предизвика едно од најбрзите големи раселувања на деца од Втората светска војна. Ова е мрачна пресвртница што може да има трајни последици за генерациите што доаѓаат. Безбедноста на децата, благосостојбата и пристапот до основните услуги се под закана од ужасно насилство без престан“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Според ОХХР, 78 деца се убиени, а 105 се повредени во Украина од почетокот на војната на 24 февруари. Сепак, овие бројки ги претставуваат само оние извештаи што ОН можеа да ги потврдат.
„Во Украина, УНИЦЕФ испорача медицински материјали во 49 болници во 9 региони – вклучувајќи ги Киев, Харков, Днипро и Лавов – подобрувајќи го пристапот до здравствена заштита за 400.000 мајки, новороденчиња и деца. УНИЦЕФ продолжува да дистрибуира вода и средства за хигиена во заедниците под опсада. Дополнително, УНИЦЕФ го зголемува бројот на мобилни тимови за заштита на децата кои работат во зоните на акутен конфликт од 22 на 50 и достави 63 камиони со материјали за спасување за да ги поддржи потребите на над 2,2 милиони луѓе“, се вели во соопштението.
Во следните недели, УНИЦЕФ ќе започне итни трансфери на пари до најранливите семејства и ќе воспостави простори погодни за деца на клучни локации низ земјата.
За да ги заштитат и поддржат милионите деца и семејства кои избегаа од Украина, УНИЦЕФ и УНХЦР во партнерство со владите и организациите на граѓанското општество, создадоа „Сини точки“, безбедни простори за деца и жени на едно место. „Сините точки“ обезбедуваат клучни информации за семејствата кои патуваат, помагаат да се идентификуваат децата без придружба и разделени деца и да се обезбеди нивна заштита. Тие, исто така, обезбедуваат центар за основните услуги. „Сините точки“ се веќе воспоставени во земјите кои што се домаќини на украински деца и жени и ќе се зголемуваат во текот на следните денови, вклучително и повеќе од 20 во Полска.
И покрај интензивните напори да се обезбеди безбеден, брз и непречен хуманитарен пристап, значајни предизвици остануваат во најпогодените области низ целата земја, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.
Подготвил Д.М.