Categories

ЗЛОУПОТРЕБА Уште еден случај на искористување деца во политичка кампања

И на оваа претседателска кампања децата не се поштедени. ЦИВИЛ во повеќе наврати остро реагираше на злоупотребата на децата и малолетниците во политичките кампањи на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и други. Денеска, мониторингот на оваа организација бележи уште еден таков случај на социјалните медиуми. Дури и самите родители или роднините ги фотографираат своите малолетни деца дека дури и „тие се за тој претседателски кандидат“.

Таков е и случајот со Нурадин Делич, кој на својот Фејсбук профил објави фотографија со неговата внука каде што носат маици на кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, при што напишал: „Една слика илјада збора. Мноого сне јаки“.

 

Злоупотребата на деца за политичка кампања не е новост и продолжува, бидејќи постои традиција на неказнивост. Загрижувачки е тоа на овој пост има над стотина лајкови и срциња како поддршка и ниту еден коментар со осуда дека не треба да се злоупотребува детето за политичка кампања.

Во неодамнешното соопштение на ЦИВИЛ против злоупотребата на децата во политичка кампања, се наведува:

Политичката злоупотреба на децата е забранета со закон! Според член 12, став 4 од Законот за заштита на децата, се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување.

ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии, родителите, медиумите и институциите дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата и во Законот за заштита на децата. Голем број деца немаат пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и достоинствени услови за живот.  Тие имаат право на безгрижно детство, ослободено од дневно политичките случувања.

Во пресрет на денот на гласањето, ЦИВИЛ предупреди и на обврската на сите инволвирани во изборниот процес да се воздржат од агитација и пропаганда. Изборниот молк стапува во сила денеска на полноќ.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email