Поранешниот европски медијатор во македонската криза во 2015 и белгиски дипломат Питер Ванхауте, денеска на својот Фејсбук профил напиша статус по повод најновите случувања во Северна Македонија, со случајот за рекет и евентуалната вмешаност на специјалната обвинителка Катица Јанева. Ванхауте напиша:
Читајќи за тоа што се случува со Канцеларијата на Специјалниото обвинителство во Северна Македонија, можам само да заклучам дека владеењето на правото повторно се спушта со голема брзина надолу. Што и да се случило во Канцеларијата на Специјалниот обвинител, важно е да се спречат сите шпекулации и да се дозволи редовното обвинителство да ја врши својата работа. Во случај да постои злоупотреба на моќ, луѓето кои се вклучени во тоа треба да бидат осудени. Но, запрете со гласините!
Анализирајќи го она што се случува, моето прво прашање е: зошто ова одеднаш се појавува на површина? Кој стои зад ова? Дали Катица Јанева веројатно допрела до одредени луѓе кои веруваа дека се недопирливи и над законот? Како одговор на прашањето „кој има интерес од ова“, би можел да обезбедам долг список со имиња, но тоа нема да ѝ помогне на земјата во напредокот.
Сепак, едно е јасно: политичарите целосно ја збркаа работата. Наместо да гарантираат непристрасна и независна правда, политичарите од сите партии продолжија со своите лични борби и ја заборавија важноста на правилното спроведување на основните демократски принципи, како што се поделбата на власта и потребата од независно судство.
Тоа само докажува дека патот до таму е долг. Можам само да се надевам дека денес и утре, граѓанското општество повторно ќе се разбуди и ќе побара да се почитуваат основните демократски вредности во секое време, дури и од политичарите.
И конечно, што и да се случи, истрагите во прислушувањата треба да продолжат.
Тоа е товарот од минатото, но никој никогаш не треба да заборави што се случило и да се осигура дека оние што биле вклучени во него, вклучувајќи го и г-дин Груевски, се правилно гонети и, на крајот, осудени. И ЕУ и г-дин Орбан треба да бидат свесни дека на таква личност не може да му се даде азил, а во исто време да побара од Северна Македонија да го почитува владеењето на правото. Значи, да го исправиме и ова!
Reading what is going on with the Office of the Special Prosecutor in North Macedonia, I can only conclude that Rule of…
Gepostet von Peter Vanhoutte am Mittwoch, 17. Juli 2019
Пред нешто повеќе од една година, ЦИВИЛ Медиа направи интервју со Питер Ванхауте. Уште тогаш, овој извонреден познавач на македонските прилики и пријател на Северна Македонија, предупреди на раните знаци на слабости во спроведувањето на политиките и практиките на владата. Веруваме дека ова интервју е добар потсетник за вистинските приоритети, па затоа го објавуваме уште еднаш во продолжение на денешната порака на Ванхауте.
Г. Ванхауте, која е вашата проценка за сегашните случувања во земјата, особено во однос на практиките и политиките на владата?
ВАНХАУТЕ: Би рекол дека има прогрес, во споредба со тоа каде бевме пред една година. Работите дефинитивно се различни. Атмосферата е многу порелаксирана. Гледам многу иницијативи кои доаѓаат од владата и кои се развиваат, но тоа не е доволно. Се зборува за пристапување кон ЕУ, се зборува за членство во НАТО, се зборува и за спорот за името, сето тоа е мошне битно, владата треба да работи на сето тоа.
Но, она што јас сметам дека недостасува е што прво треба да се работи на вистинските приоритети: луѓето се грижат за економскиот развој, за здравствената заштита, за образованието. Овие работи се во срцето на вашето општество и доколку не можете да ги подобрите, тогаш постои огромен проблем.
Кои се итните препораки, итните чекори кои владата треба да ги преземе во однос на сето тоа?
ВАНХАУТЕ: Би сакал да ја видам владата да излезе со јасна стратегија. Тие треба прво да ги дефинираат приоритетите и да кажат – во следниот период ќе се фокусираме на тоа, тоа и тоа – образование, здравствена заштита, економски развој. Сметам дека ова се најважните прашања на списокот. А потоа треба да излезат со конкретни планови за тоа како ќе ја подобрат состојбата. И тоа не само од нивните канцеларии тука во Скопје, туку треба да патуваат низ целата земја, да разговараат со луѓето, да осознаат поточно кои се проблемите и што може да се стори во најкраток можен рок. Не во наредните дваесет години, туку сега. Треба да дејствуваме сега. Сметам дека тоа е многу итно.
Што треба ние како граѓанско општество да сториме?
ВАНХАУТЕ: Граѓанското општество, идеално, треба да биде во средина, меѓу владата и граѓаните. Но, вие дефинитивно сте на страната на граѓаните, така што, од една страна, треба да ја зајакнете свеста меѓу граѓаните, да ги мобилизирате луѓето во однос на нивните итни потреби и да им кажете – ајде сега да одиме кај владата и да ѝ кажеме што сакаме итно да се направи.
(разговорот го водеше Џабир Дерала, на 28 март 2018 година во Скопје, камера: Атанас Петровски, фотографии: Биљана Јордановска)
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.