Велигден. За мене, атеистот, „од сите вери надвор“, како што на шега ми велат некои мои другари, не е без значење, иако тоа не се очекува од еден прописен атеист. Сепак… За мене, Велигден е значаен симбол, без оглед на тоа кој колку е верник или не.
Велигден е цивилизациско сведоштво за вербата на човекот дека е можно да се започне нов живот, да се воскресне од мртвите, да се продолжи понатаму. Со други зборови, дека човек може да се промени од корен, да го остави злото зад себе и да тргне по сосема нов пат, во нов живот.
Може да биде порочен и да греши, да биде човек на сосема погрешната страна од човечкото, но да се преобрази, да го остави тоа зад себе и да му даде нова смисла на својот живот, па, ако сакате, и нова смисла на својата смрт.
Велигден е симбол за тоа дека човек може да најде сили во себе да им прости и на оние што го распнуваат на крст и го убиваат.
Моќна е таа порака и не мора човек да е верник за да најде сили во себе да се промени и да се надмине себеси. Доволно е да биде човек.
Џабир Дерала во колумната „Велигденски белешки на еден атеист“, објавена во ЦИВИЛ МЕДИА на 29 април 2019 година
Рубриката ЦИТАТИ е простор каде што издвојуваме цитати од текстови, претежно објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Редакцијата е отворена кон сугестии од своите читателки и читатели. Содржините објавени во оваа рубрика се слободни за преземање од другите медиуми, под услови пропишани во лиценцата Creative Commons 4.0.