Украинскиот претседател Володимир Зеленски за првпат јавно потврди дека неговите војници се активни во рускиот регион Белгород, објави Би-би-си, пренесува ЦивилМедиа.
„Продолжуваме да спроведуваме активни операции во пограничните области на непријателска територија и тоа е апсолутно праведно – војната мора да се врати таму од каде што дојде“, рече тој во понеделникот.
Неговите коментари се однесуваа и на руската област Курск, каде Украина сè уште држи мала област по големата офанзива минатата година. Оттогаш Москва повторно зазеде поголем дел од територијата.
Зеленски рече дека „главната цел“ е да се заштитат украинските погранични региони Суми и Харкив и да се „олесни притисокот“ врз другите делови на огромната линија на фронтот, особено во источниот регион Доњецк.
Во своето видео обраќање доцна во понеделникот, Зеленски рече дека бил информиран од неговиот врховен командант, генералот Олександар Сирскиј за ситуацијата на фронтот, „вклучувајќи го и нашето присуство во регионите Курск и Белгород“.
Зеленски им се заблагодари на неколку армиски единици кои ја бранат Украина, вклучувајќи го и 225-от јуришен полк распореден во регионот на Белгород.
„Браво, момци! Горд сум на секој кој се бори за Украина! рече претседателот.
Тој не даде повеќе детали. Тоа е негово прво експлицитно признавање на украинските трупи во Белгород.
Подготви: М. Д.