„Обединети сме во различностите и подготвени за ЕУ дома и Северна Македонија во ЕУ. Во таа чест вечерва зградите на Владата и Министерството за надворешни работи се обоени во боите на нашиот иден дом – Европската Унија. Нека ни е честито на сите“, објави Владата на РСМ на Фејсбук.
„Денес во Брисел запишавме ново поглавје во македонската историја и ветуваме дека забрзано ќе чекориме кон дополнителен развој и стабилност за сите наши граѓани. Европските вредности се наши вредности а пријателствата кои ги градиме создаваат нови културни мостови и можности за сите нас“, велат од Владата.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека овие бои ја симболизираат слободата, борбата за подобро утре, економскиот просперитет и желбата за подобро утре на сите со кои го делиме континентот и заедничките цивилизациски придобивки.
„За нас, за нашите деца, за сите граѓани одиме храбро напред кон подобро утре. Честитки до сите за новото поглавје во македонската историја!“, нагласи Ковачевски.











			
