Скандалот со непостоење на било каков доказ за тоа како се потрошени 120 милиони денари при организацијата на самитот на ОБСЕ е уште еден јасен доказ за нечесноста и незаконитото работење на Министерството за надворешни работи под водство на Бујар Османи, наведува партијата Вреди (ВЛЕН).
„Наместо транспарентност и отчет, единствената „победа“ за Османи беше да го прими рускиот министер Сергеј Лавров во Скопје, потег кој предизвика негативни реакции и сериозни сомнежи во надворешнополитичката ориентација на Османи и партијата од црната листа ДУИ.
Јавноста треба да знае: Зошто нема документи, фактури или извештаи за потрошените 120 милиони денари? Кој ги одобрил овие трошења и со каква цел? Кој ги скрил документите? Дали истите тие средства завршиле во џебовите на фирми блиски до ДУИ?“, велат од ВЛЕН.
Државниот завод за ревизија е инстуција која е должна прва да алармира за незаконско трошење на парите на граѓаните, додаваат од ВЛЕН, а ДЗР го направи јасно за Бујар Османи.
„Во последните два дена се потврдува дека Бујар Османи е дел од сите клучни договори и бизниси на ДУИ, но и средби со српските функционери, токму во периоди кога на македонскиот пазар влегуваат компании, казина е телекомуникациски оператори со контроверзно потекло и сопственици. Сега е јасно дека Бујар Османи нема кредибилитет да зборува за „странско влијание“ или за „заштита на националните интереси“, затоа што токму тој е човекот во чиј мандат како Министер за надворешни работи се отворија вратите за сомнителни бизнис-дилови и за дипломатски скандали кои ја рушат репутацијата на Македонија“, потенцираат од ВЛЕН.
Од таму нагласуваат дека граѓаните заслужуваат одговори, а институциите мора да покренат постапки.