Жестоки обвинувања на релација ДУИ – „Влен“ – кој на кого му нуди поддршка за локалните избори и дали зад сцената има политички пазар со ВМРО-ДПМНЕ.?
Од Влен денеска излегоа со обвинувања дека ДУИ шири лаги и манипулации за да креира незадоволство кај Албанците и го повикаа лидерот на ДУИ Али Ахмети да одговори што му понудил на Христијан Мицкоски за да влезе во Владата.
– Како коалиција ВЛЕН го повикуваме Али Ахмети вечерва да го искористи партискиот собир во Гостивар, и, да и одговори на јавноста зошто му нудеше на Христијан Мицкоски да влезат во Влада наместо ВЛЕН со четири министри, без Претседател на Собрание заедно со гаранции дека локалните избори догодина ќе одработат неговите кандидати Македонци да станат градоначалници на Кичево и Струга, изјави Фари Хусени од Влен.
Од ДУИ преку соопштение одговорија дека Влен го предале Министерството за имплементација на Охридскиот договор и дека сега се подготвуваат да ги дадат и Кичево и Струга.
– Тука ги преминавте црвените линии и ќе се соочите со отпорот на народот и на секој Албанец. Ова е сериозно кршење на постигнувањата и достоинството на Албанците, и ваквиот чекор нема да помине без силна реакција, се вели во соопштението од ДУИ.
Албанските партии ги продолжуваат меѓусебните обвинувања од предизборието за тајни понуди околу евентуална коалиција, додрка во меѓувреме меѓусебно ја спорат легитимноста за учеството во Владата. Од ДУИ сметаат дека нивните политички опоненти се нелегитимни претставници на Албанците кои не победиле кај албанскиот електорат, додека пак од коалицијата на Гаши, Таравари, Касами и Меџити велат дека гласачите на последните избори им дале црвен картон на интегративците кои долги години беа на власт.
М. Д.