Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешната прес конференција истакна дека по завршувањето на 100те дена од формирањето на Владата ВМРО-ДПМНЕ ќе покрене прашање за доверба на Владата во Собранието.
„Очекуваме Владата да не ја добие довербата, односно најмалку 61 пратеник да изгласаат недоверба на Владата на Зоран Заев. Време е граѓаните на Република Македонија да се обединат против овој национален срам и национално понижување“, изјави Николоски.
ВМРО-ДПМНЕ денеска под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“ повикува на протест во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола.
„На ДПМНЕ, Мицкоски и Николовски ако досега не им беше јасно еве пак ќе им појасниме: граѓаните даваат доверба, на избори. А избори имаше пред само 4 месеци, на кои народот му ја прати пораката на губитникиот Мицкоски, му го покажа патот, во опозиција“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека граѓаните застанале зад политиките на Заев и на СДСМ, кои ја одвеле државата во полноправно членство на НАТО и обезбедиле напредок по 25 години и поддршка од целиот свет.
„Македонската иднина е во Европската Унија, Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи. Затоа јавноста не го поддржува ВМРО-ДПМНЕ, затоа Мицкоски доживува дебакли на секој протест, затоа беше казнет од граѓаните и затоа уште долго ќе остане во опозиција“, стои во соопштението на СДСМ.
А. П.